Мери Брнс, сиромашна воденичарка, го сретнала Фридрих, синот на воденичарот, во 1842, кога имала 18 години. Имала полутајна врска со него цели дваесет години, до нејзината смрт. Таа никогаш не се крунисала со брак заради комунистичките сфаќања на Енгелс, кои вклучувале и негативен став кон оваа институција. Тој ја поддржувал Мери и останал емотивно поврзан со неа, но не бил заинтересиран за моногамија, деца или традиционален семеен живот.
Кога Мери ненадејно умрела од срце, нејзината помлада сестра Лизи ја заменила - таа станала љубовница на Енгелс, и останала негова придружничка до својата смрт во 1878. Откако паднала болна од некаков тумор, за да ги задоволи нејзините верски уверувања, Енгелс се оженил со неа. Неколку часа подоцна таа починала. Тој за неа го има напишано следново:
„Мојата жена беше вистинско чедо на ирскиот пролетеријат, и нејзината страсна посветеност на класата во којашто беше родена многу ми помогна, многу повеќе од елеганцијата на образованата, уметничка средна класа".
Авторот на романот, Гавин МекКри, дошол до податоци за сестрите Брнс во биографијата на Енгелс напишана од Тристам Хант. Тоа е едно од ретките места каде може да се дојде до каков и да е податок за нивното постоење, бидејќи тие самите биле неписмени и не оставиле дневници или други писмени документи. Оттаму, тешко е точно да се знае за какви карактери станувало збор, кои биле нивните најдлабоки желби, стравови и убедувања, но затоа постои жанрот „историска фикција" во кој спаѓа и спомнатата книга, која се обидува сето ова да го реконструира.
Таа е напишана во прво лице, од перспектива на Лизи, втората сестра и втора партнерка на Енгелс. Но ликот секако вградува и лични ставови на авторот, на пример неговото разочарување што Енгелс не успеал да ги исполни до крај комунистичките идеали, како и неговиот однос кон сопственоста - дали е исто да поседуваш куќа, пари и ако тоа се однесува на идеи, емоции и на крајот на сопствената судбина.
Романот беше одбран за една од 20-те најдобри книги на Амазон за 2015, а пофалби пристигнуваа од сите страни, не само за начинот на портретирање на жената на авторот на Комунистичкиот манифест, туку и за актуелизирање на името на жената за која претходно многумина немаа ни слушнато.