Мачки и стихови

Љубопитноста убива само ако ја нема

После вчерашното слетување на роверот „Кјуриосити" на Марс, чија кума е тинејџерката Клара Ма - ќерка на кинески имигранти во САД - медиумите не пропуштија да си поиграат со неговото име.

„Љубопитност-а е на Марс. Богами далеку отидовме за да ја убиеме мачката", беше еден од твитовите кој кружеше, алудирајќи на познатата поговорка. Таа ме потсети на една фина песна на истата тема, со елементи на басна. Во животот, вели таа, има два типа луѓе - „мачки" (љубопитни, одважни, храбри) и „кучиња" (обратното од претходното). И покрај политичката некоректност кон еден од видовите, мора да се согласиме. Мачките, исто како и љубопитноста, се цареви.

ЉУБОПИТНОСТ

                     Алистер Рид

Можеби ја убила мачката,
но поверојатно е
дека мачката била само малер
или пак љубопитна
да види како изгледа смртта
немајќи причина
да продолжи да си ги лиже шепите
или да одгледува купишта
легла со мачиња.

Сепак,
да се биде љубопитен
е доволно опасно.
Да се сомневаш во сè што се кажува,
да поставуваш чудни прашања,
да се замешуваш во соништа,
да заминуваш од дома,
да намирисуваш глувци,
да имаш претчуства.

Немој да се дружиш со мачки
во онакви високи кругови,
каде се вообичаени
фини мириси на кошниците,
адекватни сопруги, добри ручеци,
и каде има доста мрдање нагоре-надолу
со нељубопитните глави и опаши.

Соочи се.
Љубопитноста нема да биде причина да умреме,
само недостатокот од неа.

Никогаш да не сакаш да ја видиш
другата страна од ридот
или таа неверојатна земја
каде живеењето е идилично
(иако најверојатно е пекол) -
тоа сите ќе нè убие.

Само љубопитните имаат,
ако преживеат,
приказна која вреди да се раскаже.

Кучињата велат мачките премногу сакаат,
неодговорни се, врти-опаши,
промискуитетни, ги напуштаат своите деца
го замрзнуваат муабетот на сите вечерни софри
со приказните за деветте им животи.

Па, тие имаат среќа.
Оставете ги да бидат деветоживотни
и контрадикторни,
доволно љубопитни да се менуваат,
подготвени да ја платат мачешката цена,
а тоа е да умрат,
и повторно и повторно да умираат,
секој пат со не помала болка.

Малцинството од мачки - една
е сè на кое може да се смета
за да се каже вистината.

А она што мачките имаат да го кажат
при секое враќање од пеколот
е ова: дека умирањето е она што го прават живите,
дека умирањето е она што го прават оние кои љубат,
а дека мртвите кучиња се оние кои не знаат
дека умирањето е она, кое за да се живее, мора да го стори секој.

7 август 2012 - 13:28