Дени Будман Т. Д. Лемон 1900 е целото име на главниот лик на филмот, кој како бебе е пронајден во гајба за лимони на луксузниот прекуокеански брод Вирџинија од човек кој работи во котларницата, по име Будман. Годината е 1900, почеток е на новиот век, па и таа станува дел од неговиот идентитет. Животот му минува кај бродските мотори и покрај салонското пијано, на кое почнува да свири со неверојатен талент и техника. Посадата се менува, патниците се качуваат и спуштаат од бродот, но тој никогаш не стапнува на копно.
Слично како и во „Синема парадизо" на истиот режисер, и во овој има нешто крајно романтично, но и херојско, во идејата на еден човек дека може да го мине животот десетици пати минувајќи го патот од Европа до Америка. Единствен пат кога тој собира храброст да се симне од бродот, но стигнува само до половина скалила и се враќа, е кога на него запознава девојка, чиј надреално убав лик му се појавува во прозорчето додека тој ја свири својата прва и последна композиција снимена на восочна плоча, која е практично единствениот доказ дека таков пијанист и човек некогаш постоел.
Разочаран од сопствената немоќ да се соочи со реалниот свет кој му изгледа невозможно голем и несовладлив, тој останува на бродот дури и кога сега веќе крнтијата „Вирџинија" е подготвена за уништување, и треба секој момент да биде разнесена со динамит и претворена во куп железо. Само неговиот пријател-трубач знае дека 1900 мора да е внатре, и со часови го пребарува бродот, пуштајќи му ја дури и плочата за да го извлече од скривалиштето. Кога сепак се соочуваат, 1900 така ги образложува своите мотиви да остане и практично да се самоубие, што другар му само беспомошно се повлекува, со себе носејќи ја плочата, трубата и спомените.
Критичарите на времето го нарекоа филмот варијанта на „Титаник" и премногу се концентрираа на неговата основна наративна линија, што прави да се пропуштат најмалку два клучни елементи за толкувањето на филмот. Првиот е симболиката на преминот во 20. век и стравот на оние како 1900 од новото, од проширениот хоризонт на човештвото, кој истовремено е и предизвик, но и огромна потенцијална опасност, која во текот на столетието на повеќе пати се покажа како реална.
Вториот момент е поапстрактен, „пофилозофски", но всушност е најсилниот - уметникот е затворен во бродската школка на сопствениот сензибилитет, живее со својот талент подеднакво и како со благослов и како со клетва, без желба, но повеќе без способност да се соочи со баналностите, темпото и проблемите на реалниот свет. За својот пак тој е подготвен да си го даде и животот, како ултимативна жртва и отпор кон обидот на оние „надвор" да го загадат неговото „внатре".
Оној кој ќе ја пропушти оваа поента, која двоецот Барико/Торнаторе сигурно ја имал предвид (првиот го има напишано текстот како монодрама), ќе го изгледа „1900“ само како „ок филмче со фина музика“ (која е на Мориконе, а една композиција е соработка помеѓу него и Роџер Вотерс од Пинк Флојд). Но кога главниот лик е Тим Рот, кој и без глумење има налудничава фаца, и кому му давате кредибилитет дури и кога го изговара антологиското Fuck Jazz! по победата на клавирски двобој со најпознатиот џезер на тоа време, тоа мора да е нешто повеќе од „обичен" филм.
Сцената со дуелот и репликата (15:17)