Нова книга која излезе денес, 4.2, под наслов „Професорот и свештеникот“ (The Professor and the Parson) на Адам Сисман е на некој начин поврзана со неговата биографија од 2010 на историчарот Хју Тревор-Ропер. Токму тој, имено, е професорот од насловот. Но другиот, свештеникот, е всушност измамникот и бигамист Роберт Питерс, чија живописна „кариера“ Тревор-Ропер ја документирал цели 25 години.
Книгата на Сисман има три дела - краток сегмент во кој се опишани првите средби помеѓу Тревор-Ропер и Питерс; централен дел во кој се користи досието на Тревор-Ропер за да се раскаже животот на Питерс од доцните 1950-ти до раните 1980-ти; а потоа, со оглед на фактот дека Тревор-Ропер во еден момент се презаситил и престанал да се интересира за својот „субјект“, обидот на Сисман да го следи свештеникот до неговата смрт во 2005.
Материјалот од кој се состои биографијата на Питерс е толку богат што како да се однесува на повеќе луѓе. Го запознаваме во колеџот Магдален, Оксфорд, во 1950-тите, во момент кога му се обраќа на Тревор-Ропер за помош, велејќи дека е прогонуван од Оксфордскиот бискуп. Наскоро станува јасно дека Питерс е на колеџот со лажирани документи на кои пишува дека е роден во 1928, 1927, 1924 и 1918. Лажел и дека има претходни дипломи (кога бил во Оксфорд дека дипломата му е од Лондон и обратно), кои ги добил во периодот 1939-1956. Бил женет најмалку седум пати, а од нив три бракови се поклопувале еден со друг. Кога бил уапсен за кражба во 1955, Лондон Дејли Мирор извадил наслов - „Црковниот Ромео до сега има заведено 7 жени“.
Но неговата бигамија и фактот што весниците го спомнувале неговото име, не го спречувало да врши свештенички функции на голем број локации од Оксфорд до Јужна Африка, од Нов Зеланд до Канада. Успеал повеќе од 60 години да држи повремени служби во голем број цркви (дури и во Св. Павле во Лондон), иако бил расчинет само две години откако станал свештеник. Тврдел дека е бискуп на Тринидад (лага); архимандрит на западна Британска Колумбија (што било вистина, но кратко траело); и бискуп на островите Ливард (таква позиција не постоела). Откако го откриле на Магдален во 1959, Питерс аплицирал на Универзитетот во Манчестер, кого го завршил со украдена дипломска. Позициите кои потоа ги заземал се бројни, иако сите траеле кратко, а вклучуваат професорско место во Нигерија и Бопутацвана (Јужна Африка), како и директор на некој чуден (веројатно измислен) теолошки факултет.
Зошто некој би вложувал толку енергија во измислици наместо да си тера по пропис? Психолошкиот профил на личноста на Питерс, кој се формирал многу порано, не е познат за да може да се даде одговор на ова прашање. Веројатно станува збор за комбинација на ексцентричност, неверојатна нарцисоидност и желба за престиж. Со оглед на тоа што бил често депортиран, станал интересен дури и за Еф-би-ај. А можеби по излегувањето на оваа книга ќе стане интересен и за некој филм.