„Рамото ми се исчаши заради фаул. Устата ми испука повеќе пати отколку што можам да избројам. Имав потрес на мозокот и ја поминав првата недела од семестарот со модро око од метлата", вака раскажува Аманда Далас, студентка на Универзитетот Њујорк, но не зборува за рагби или женско борење. Таа игра Магл квидич, спорт на волшебниците и вештерките во книгите за Хари Потер.
Деновиве во градот Кисими (Kissimmee), на Флорида, таа и уште 1,500 други играчи, заедно со 12,000 гледачи од целиот свет, ќе се соберат на шестиот турнир во јавање метли. Квидич всушност е опишан како „екстремно груб но многу популарен полуконтактен спорт, кој го играат волшебници и вештерки низ целиот свет". Во не-магичниот свет квидич се обидува да остане верен на фиктивниот концепт. Играчите се натпреваруваат со едната рака цврсто држејќи ја метлата меѓу нозе.
Во секој тим има по седум души на теренот, три високо поставени обрачи, топки како оние за одбојка, мали топчиња кои се користат за мавање по другиот тим и секако, златно топче „снич" чие фаќање го означува крајот на играта. „Чуварот" ги брани обрачите, тројцата „бркачи" имаат за задача да ја пикнат топката „квафл" низ обрачите, а двајцата „удирачи" ги фрлаат малите топчиња накај противниците. Одговорен за златното топче е „трагачот". Само што наместо вистински летачко топче како во романите на Роулинг, во овој квидич „снич" е човек, неутрален играч облечен во жолто, со опашка во форма на тениска топка. Крајот на играта е моментот кога таа ќе му биде одземена.
Квидич е всушност комбинација на повеќе спортови: кошарка, рагби, доџбол, со повеќе од 700 правила опишани во прирачник од 172 страници. Постои и Меѓународно здружение за квидич, во кое засега членуваат 300 официјално признаени тимови од целиот свет. Првиот светски куп во квидич се одржал во 2005, со 10 тима од колеџот Мидлбери. Пет години подоцна, на светскиот куп IV спортот веќе се проширил на повеќе од 46 колеџи и средни училишта, кои се натпреварувале во Њујорк со околу 15,000 публика. Во 2011 бројот на тимови се качил на 96, па турнирот морал да се прошири на два дена. Сумата за регистрација пораснала, а се појавила и потреба од сертифицирани програми за судии. И никој веќе на квидич не гледа како на игра, туку како на сериозен спорт. А за да се занимавате со него не е доволно само да бидете фанови на книгите за Хари Потер, или да верувате во магии.