Икона со ликот на Џорџ Мајкл, мастиката што ја џвакала Нина Симон: нова изложба за „религиозно“ посветените фанови на музичките ѕвезди

Во последниве години музеите и галериите сè почесто се занимаваат не само со уметноста, туку и со публиката. Токму таква е и необичната изложба „Свет поп“, која го истражува феноменот на екстремната поп-културна опседнатост – од светилишта посветени на музички ѕвезди, до предмети што за фановите имаат речиси религиозно значење.

„Светиот поп“ е нова поставка која се отвора денес, 21 мај, во лондонскиот Сомерсет Хаус. Таа ја истражува опседнатоста на фановите со одредени музички и други ѕвезди, што прави тие да собираат и да обожуваат артефакти поврзани со нив, иако тие артефакти понекогаш се eстетски инфериорни или лажни.

Една од највпечатливите приказни е онаа на фотографката Алис Хокинс, која својата љубов кон Доли Партон ја претворила во нешто многу подлабоко. По самоубиството на блиска пријателка, таа западнала во тешка психичка состојба, а сопругот предложил да го посетат Доливуд – тематскиот парк на пејачката во Тенеси. Таму, како што раскажува, почувствувала нешто налик на духовно просветлување. Подоцна почнала да се фотографира облечена како својот идол, да патува во Нешвил и дури да собира суви лисја од дворот на куќата на Партон, кои денес ги чува како дел од својот личен „олтар“.

Токму тој олтар – составен од фотографии, сувенири, перики и прамени коса – е дел од изложбата. До него стојат и други необични колекции: предмети поврзани со Принс, огромна архива на сувенири од Спајс грлс, па дури и религиозна икона на која лицето на светецот е заменето со ликот на Џорџ Мајкл.

Изложбата прикажува и фотографии од фанови што посетуваат гробови на музичари, импровизирани меморијали за славни личности и бизарни реликвии, како гранка од дрвото во кое удрил автомобилот на Марк Болан при несреќата во која загинал. Посебно внимание привлекува и сребрено излеана мастика што ја џвакала Нина Симон за време на концерт – предмет што е изложен речиси како света реликвија (за книгата на Ворен Елис на истата тема пишувавме во 2021).

Кураторката Тори Турк вели дека идејата на изложбата е да се смени начинот на кој општеството гледа на фановите. Наместо да се прикажуваат како чудни или опседнати луѓе, таа смета дека токму тие станале вистински чувари на поп-културната историја. Додека музеите долго време не ги собирале овие предмети, фановите внимателно ги чувале концертните билети, списанијата, касетите и сите мали детали што денес стануваат културни артефакти.

Особено емотивна е приказната на уметникот Денди Деј, кој чува тегла во форма на жолтата подморница од Битлс. Во неа некогаш се наоѓала пепелта на неговата мајка, која уште од детството го воспитувала со музиката на групата. За него песните на Битлси се неразделно поврзани со спомените за неа и со начинот на кој се справува со тагата.

Ваквиот тип „фандом“ можеби полека исчезнува. Денес многу обожавање се случува онлајн, без физички предмети, без концертни билети, постери и касети што остануваат како лични спомени. Но токму затоа старите предмети и потрагата по нив добиваат уште поголемо значење – како мали свети реликвии од еден поинаков начин на сакање музика и поп-култура.

21 мај 2026 - 11:45