Микеланџело Мериси де Караваџо, славниот италијански сликар од 17 век, чии дела се препознатливи по драматичната употреба на светлина, проживеал краток живот, исполнет со насилство, кое реалистично го пренел и на сликарското платно.
Со прекар добиен поради тоа што растел во Караваџо, близу Милано, тој е еден од малкумината сликари кои целосно ја промениле насоката на уметноста, експериментирајќи со до тогаш непознати техники и необични теми (неговата „Момче гризнато од гуштер“ е една од најкоментираните слики во историјата на уметноста, иако на неа навидум не се случува ништо особено, освен што едно момче е...гризнато од гуштер). Но тој, според коментаторка на Салон, истовремено имал тежок карактер и криминално минато.
Избегал од Рим откако си го убил ривалот, извесен Ранучио Томасони, според некои теории поради тениски меч, според други поради тоа што и двајцата биле во врска со иста жена-проститутка. Го поминал остатокот од животот во бегство, надевајќи се на папско помилување за она што го сторил. Всушност, неговите чести судири со законот се и причината зошто толку многу се знае за него - затоа што неговото име често се среќава во инаку италијанските судски архиви.
Просто кажано, Караваџо бил биганга. Веројатно бил и ментално пореметен, со оглед на описите на неговите екцеси, упатени дури и кон неговите обожаватели и мецени. Списокот на оние кои се жалеле на неговото однесување е долг, но меѓу нив најбројни се газдите на местата каде што живеел. Правел дупки на покривот за во станот да внесе природна светлина (секако и снег, дожд и јата гулаби). Кога бил опоменуван ги гаѓал мрчаторите со скапан зеленчук. Неговиот цимер, сицилијанскиот сликар Марио Минути, не можел да издржи и заминал, но тие сепак останале пријатели.
Караваџо речиси сигурно бил бисексуален, имал врски со голем број жени, но веројатно работел и како машка куртизана за неколку кардинали кои претпочитале такво друштво (за кои сликал и портрети). Ова сега нема никаква врска со неговото криминално минато, но на времето имало, затоа што хомосексуалноста била нелегална.
Се заканувал дека ќе ги тепа сликарите кои го имитирале неговиот стил. Не се знае дали навистина натепал некој од колегите, но се знае дека му се нафрлил на келнер затоа што му сервирал пресварени артичоки. Како модел за Богородица за неговата „Мадона од Лорето“ користел негова пријателка, проститутка. Локалците многу добро ја знаеле, бидејќи таа често ловела муштерии на улицата пред црквата Сант Агостино, во која стоел и портретот откако бил насликан. Се смета дека Караваџо ваквите комбинации ги правел намерно, а доколку црквата по некој случај му ја одбиела сликата, тој веднаш ја продавал на приватен купец и тоа за многу повеќе пари.
За сите овие инциденти сликарот бил гонет, но никогаш не бил доведен во сериозна опасност. За ова биле заслужни неговите заштитници, моќни аристократи. Сепак, откако убил човек и тие не можеле да сторат ништо - Караваџо морал да пребегне од Рим, и да очекува Папата да му се смилува, што никогаш не се случило.