Во 1900 извесен Едвард Бок напишал уреднички коментар во списанието Ladies' Home Journal за домашните работи на децата во Америка. Насловот кажува доволно - „Национално злосторство пред нозете на американските родители“. Вo него тој вели: „Детето мора да учи многу, многу над своите физички сили, и како последица на тоа и над својата ментална благосостојба“. Според Бок, учениците не ни треба да носат дома учебници и тетратки, затоа што треба да се дружат со врсници после школо, а после да спијат. „Да му се одземе на детето слободното време е на рангот на неправда. Ниту едно дете под петнаесет години не треба да има домашна работа“.
„Алал да ти е!", би му рекле на Бок, да има кој да слушне. Но тогаш, на почетокот на 20 век, имало. До уредникот на списанието стигнале илјадници писма од родители, доктори и поддржувачи на ставовите на авторот, кој на сите им препорачал - испратете им на наставниците белешка во која ќе изјавите дека нема да дозволите вашето дете да пишува домашно под никакви околности. Овие тоа и го сториле.
Стереотипот на ученици од минатото кога тие до доцна во ноќта пишувале со молив острен со ноже, под светлината на свеќите, е токму тоа - стереотип. Како што тврдат историчарите Брајан Гил и Стивен Шлосман во серија текстови, во периодот од 1897-1947, кога според американските закони сите деца морале да одат во школо, родителите гласно протестирале што мораат покрај сите други обврски уште да се занимаваат со домашните на своите деца, кои често биле премногу комплицирани. Исто како и нашиве, сега.
Во 19 век образованието се состоело главно од памтење и повторување (звучи познато?). Учениците вежбале дома и „рецитирале“ во школо, а наставниците имале право да ги срамотат или физички да ги казнуваат децата ако овие не се доволно спремни. Само мал процент ученици го минувале четвртото одделение, а помеѓу причините зошто тоа било така биле и домашните работи. Семејствата зависеле од трудот на децата после школо, а ако тие се образувале тоа значело дека било потребно да се плати друг наемен работник. Само побогатите можеле да си дозволат децата да им завршат основно и средно.
Анти-домашното расположение од тогаш само растело, и тоа не само од економски причини. На почетокот на 20 век детето веќе било сметано за посебна личност, која не смее да се преотповарува од рана возраст со интелектуални активности и премногу седење во место. Логиката била - ако веќе се успеало да се регулира експлоатацијата на децата (колку-толку), зарем сега училиштата да бидат замена за истото малтретирање?
Во 1937 читателите на Parents' Magazine биле замолени да ги испратат своите мислења за домашната работа. Тие, главно од средната класа, во мнозинство се изјасниле против. Но со почетокот на Студената војна, строгоста како да се зголемила. Споредено со образовните практики на други земји, Американците почнале да се убедуваат (или да биваат убедени од страна на авторитетите) дека американските деца се „снегулки“ на кои им треба малку стегање. Секако, споредбата била со руските тинејџери и нивниот (реален или замислен) распоред на активности. Како земјата ќе излезе на крај со Русија ако младите само пијат кока-кола и се ѕенѕаат на игранки?
Според текст во Слејт на оваа тема, расположението за и против домашно како да минува низ 15-годишни циклуси. Доцните 60-ти и 70-ти ги актуелизирале аргументите против домашната работа, за во осумдесетите приказната повторно да се сврти во нејзина корист. „Историјата не е нежна со легачите“, гласела реченица во владин извештај од 1983, под наслов „Нација соочена со ризик“.
И денес има помешани чувства кон оваа тема. Некои велат - колку повеќе, толку подобро, за децата да не можат да губат време на компјутер или со скитање низ град. Други велат дека домашното е преголем психички товар не само за детето туку и за целото семејство, кое нема време да седне да изигра едно „Не лути се човече“ на раат навечер. За што служи детството, ако не за прв и последен пат човек да ужива што е дете?