Кваките се едни од ретките архитектонски елементи со кои имаме директен, физички допир. Но и покрај оваа специфична улога, тие ретко се предмет на историјата на уметноста и на внатрешниот дизајн. Тоа е необично затоа што од моментот кога се измислени вратите, имало и некој вид кваки или држачи за нивно поместување - макар и во форма на железна рачка, парче жица или кожен ремен. До 18 век куќите во централна Европа на нивните надворешни порти имале убаво изработени кваки од ковано железо, француските палати деликатни рачки од месинг, а англиските куќи едноставни овални или округли кваки од керамика или порцелан.
На почетокот на 20 век архитектите почнале да посветуваат повеќе внимание на овој дел од зградите. Со развојот на арт нуво и концептот на зградата како целосно дело (Gesamtkunstwerk) се појавиле „органски“ рачки од месинг кои ја рефлектирале флуидната линија на структурата, со што кваките станале архитектонски микрокосмос, a не само практичен артефакт (слика горе - арт нуво врата на Петер Беренс во Дармштад).
Ова го разбирале и модернистите, особено дизајнерите од движењето Баухаус, кои сметале дека секој елемент од одреден објект може (и треба) да ги изразува идеите отелотворени во целината. Токму во кваката тие го нашле совршениот начин за редуцирање на зградата до нејзината минимална форма. Хенри ван де Велде, кој ја основал школата за дизајн во Вајмар која подоцна прераснала во Баухаус, почнал со примена на овој принцип, но подоцна првиот директор на Баухаус, Валтер Гропиус, дизајнирал кваква која станала најкомплетен израз на модернизмот од 1923 - спој на модерната и геометризмот.
По Втората светска војна, кога фабриките од правење оружје се свртеле кон производи за секојдневна употреба, кваките изгледале како нешто кон што тие лесно можеле да се прилагодат. Голем број архитекти и индустриски дизајнери се испробале во нејзиниот дизајн. За жал, најголемиот број кваки со кои (буквално) доаѓаме во допир денес се евтини и прилагодени на економската реалност, без никаква приказна во нив. До моментот кога некоја ќе ви остане во рака па ќе забележите дека постои. Или залудно ќе се обидувате да ја притискате, стоејќи пред затворена врата.