Корисноста на телефонските муабети

Не знаеме за вас, ама ние полека но сигурно го губиме трпението за телефонски разговори. Од непотребни воведни поздрави, до она бесконечно „ај“-„епа ок“-„ај“ на крајот кој никако да настапи, чувствуваме дека од таков вид епски муабети во ера на чет и мејл веќе нема потреба. Ама изгледа разговорот со глас сепак има некои предности.

Кај Американците телефонските повици го имаат загубено приматот во комуникацијата. Од 2014 наваму испраќањето пораки по мобилен е највообичаениот начин на правење муабет за оние под 50 години. Луѓето кои се на возраст од 20-30 години повеќе ги користат прстите отколку гласот за да искомуницираат нешто со оние на другата страна.

Една од причините е што ѕвонење на телефон многу потешко се игнорира од порака која е оставена не-seen. Телефонските повици од блиски обично значат дека некому му треба внимание, дека има некаква мака или прашање. Плус, ако повикот ве фаќа неподготвен, тогаш може да се чувствувате ранливо и збунето. Сето тоа претставува притисок за некој навикнат на лежерно дигитално присуство, и контрола врз тоа дали е онлајн или не.

Но иако знаат да бидат стресни и здодевни, телефонските разговори всушност можат да бидат многу корисни, и во крајна линија ефикасни. Според Гуан Субраманиан, директор на Харвардската програма за преговарање, разговорот кој се одвива со зборување постигнува повеќе за пократко време. Низ дискусија соговорниците имаат шанса да потпрашаат, да изреагираат, да го почувствуваат тонот на соговорникот, и да разрешат евентуални недоразбирања многу побргу отколку што тоа би се направило преку некој друг медиум. Разговорот се одвива поспонтано, можеш да слушнеш ако некој воздивне или ако се насмее, без тоа да треба да ти го соопшти некаков емотикон. Соговорникот може да е поотворен, знаејќи дека нема да има пишувана трага од она што се кажува, нешто што може по некое време да му се врати во форма на принтскрин или не дај боже да биде објавено на некоја социјална мрежа.

Накратко, СМС-и и мејлови се често подобри за брзи, логистички и нископриоритетни комуникации. За сите посложени нешта нема подобро од муабет. Ќе се потсетиме на ова следниот пат кога ќе сфатиме дека додека завршил долгиот телефонски разговор, од нервоза сме го искубале и последниот здрав лист од саксијата во кујна.

извор

17 септември 2019 - 16:13