Конечно дешифриран мистериозен текст најден во свилен фустан од 19 век

Пред 10 години, археолог и колекционер на стари фустани пронашла две оштетени парчиња хартија во скришен џеб на фустан кој датира од средината на 1880-тите. Мистериозната порака која претходно звучеше како да излегла од „Сомнително лице“ на Нушиќ, сега е декодирана.

Археологот Сара Риверс Кофилд, специјалист за средовековна облека, во фустан кој датира од крајот на 19 век пронашла скришен џеб. А во него две парчиња хартија со навидум неповрзани рачно испишани зборови. На едното „Бизмарк, лисја, елен, испушта...“. На другото: „Калгари, Куба, нечувано, одбивање, патка...“. 

Таа го постирала ова на социјалните мрежи во февруари 2014. Неразбирливите зборови почнале да се споделуваат и наскоро станале еден од 50-те „нерешливи“ кодови во светот.

Но минатата година Вејн Чан, компјутерски аналитичар на Универзитетот Манитоба во Канада, успеал да разбере дека кодните зборови всушност се користеле за пренос на локалните метереолошки состојби преку телеграф. 

Во тоа време, телеграфските пораки содржеле голем број информации кои морале да бидат „зипувани“ за да се заштедат пари. Чан, во статија објавена во „Криптологија“ од 2023, објаснил дека телеграфските компании наплаќале по збор, па енкодирањето бил ефикасен начин да се намалат трошоците.

Така, ливчето каде се спомнува Бизмарк, е код за временските услови во денешен Бизмарк, Северна Дакота, на 27 мај 1888 во 10 навечер. Кратката листа од пет зборови содржи опсежни податоци - температура на воздухот, барометриски притисок, влажност, количество на врнежи, правец на ветерот, облачност итн. 

Кога Риверс Кофилд го пронашла свилениот фустан со боја на бронза, таа не била свесна дека во него има скришен џеб. Го купила во продавница за антиквитети во Мејн во 2013. Свилата била во добра состојба и на фустанот се уште ги имало оригиналните копчиња, на кои бил насликан лик на Офелија од „Хамлет“.

Но и откако го пронашла џебот и скриените пораки, таа не можела да сфати за што станува збор, сè до реакцијата на Чан кој консултирал 170 различни книги за кодови од 19 век. Во една од нив, со телеграфски кодови за времето, користена од Сигналното одделение на војската со седиште во Вашингтон Ди-си, биле содржани „неразбирливите“ зборови од фустанот. Преку нив дознаваме дека во Бизмарк на одредениот датум температурата била 56 степени по Фаренхајт (13 Целзиусови), барометрискиот притисок бил 30.08 Hg. Небото било бистро, без врнежи и со ветер од север, кој дувал со 12 милји на час. 

Сега останува друга мистерија, кој бил сопственикот на фустанот и зошто податоците биле чувани во скришен џеб. 

извор

10 јануари 2024 - 09:45