Тор Хејдердал (роден 1914 во Ларвик, Норвешка) бил етнограф, зоолог и географ. Уште како момче се заинтересирал за полинезиската историја и култура, читајќи ја тогаш најголемата приватна збирка на книги и текстови за оваа земја, во сопственост на богат трговец со вино од Осло.
Додека студирал, заедно со колеги од Берлин, направиле проект во чии рамки прв пат ги посетил изолираните острови на Полинезија, а со неговата прва жена Лив подолго се задржал на Фату Хива, дел од групата Маркизи во Француска Полинезија. Според ова искуство напишал и книга („Лов по рајот", 1938) која била објавена во Норвешка, но никогаш не била преведена и паднала во заборав.
Она по што Хејдердал се прославил е експедицијата која ја организирал во 1947, под името „Кон-тики", која требало да докаже, согласно тогаш модерните етнолошки теории на дифузионизмот - ширењето на идеи, технологии и јазици преку миграции, војни или трговија - дека Полинезија не била доселена од Азија, како што гласеле тогашните ставови, туку од Јужна Америка, во пред-Колумбовско време. Според цртежи направени од шпанските конквистадори на Инките бил изработен автентичен дрвен сплав, наречен Кон-тики според старото име на богот на сонцето на Инките, со кој Хејдерланд требало да плови по Пацификот на дестинација долга колку „од Чикаго до Москва", и да докаже дека исто такво патување било можно и пред стотици години.
Екипажот бил составен од шест живописни ликови: уметник, социолог, двајца радио експерти со искуство од Втората светска војна, еден инженер, и еден папагал по име Лорита, потоа 56 канистри со вода, 200 кокосови ореви, сладок компир, супи од домат и конзерви донирани од Американската армија, аматерска радио станица и многу книги. По 101 ден, 8,000 километри пат по океан, тие на 7-ми август 1947 пристигнале до островите Туамоту во Француска Полинезија.
Книгата на Хејдердал која била објавена во 1948, „Експедицијата Кон-Тики: со сплав преку јужните мориња" станала бестселер и била преведена на 67 јазици, а документарецот за експедицијата добил Оскар во 1951. Во антропологијата сепак и понатаму доминира теоријата дека Полинезија била населена од запад, и дека миграцијата почнала од азиското копно. Но некои од тезите на Хејдердал, за можен контакт меѓу народите на Јужна Америка и на Полинезија, држат, а во прилог им одат археолошки остатоци, легенди од усното народно творештво, како и некои прехранбени намирници (слаткиот компир) кои потекнуваат токму од Јужна Америка, а се дел од секојдневната исхрана на Полинезијците.
Сето ова е возбудливо прикажано во историската драма на Јоаким Ронинг и Еспен Сандберг, најскапата норвешка продукција на сите времиња. Филмот беше номиниран за најдобар од неанглиско говорно подрачје на последните оскари, а истовремено и за Златен глобус во истата категорија. Сцените на океанот се снимани навистина во океан, а не во студио, за да се засили нивната автентичност. И навистина, ајкулите и сите морски бури делуваат прилично страшно, особено кога ќе се земе предвид дека главниот лик, авантуристот и морепловец Хејердал - не знаел да плива!
Експедицијата завршува среќно, сите се живи и здрави, жена му го остава затоа што тој ја одбира авантурата со сплавот наместо семејството, но тоа не го спречило Тор да се жени (и разведува) уште два пати, и да се упатува и на други експедиции, како на пример онаа во потрага по богот Один во Азербејџан и Русија. Има добиено 11 почесни докторати, а по него е крстен и астероид.