Неодамна беа објавени финалистите за Букер 2019 (види тука), само шест романи од повеќе од 100.000 нови наслови објавени на англиски до септември оваа година.
Иако наградата од околу 2800 евра за овие автори е смешна во однос на 56-те илјади колку што е големата награда, и оние кои нема да ја добијат не треба да тагуваат. Или барем така велат организаторите на ова признание, кои гарантираат дека сите номинирани дела ќе се здобијат со глобална читателска публика, и дека продажбата на нивните книги ќе доживее „драматичен“ скок.
Но дали ова е реално или само пумпање на значењето на ова и на сите останати книжевни признанија? Исто како и со уметничките награди во други области и книжевните де се сакани и почитувани, де се негирани заради наводното медиокритетство на изборите, резултат на елитистичкиот пристап на малубројни инсајдери кои меѓусебно си се тапкаат по рамо и исто така меѓусебно си доделуваат награди, замислувајќи си дека вршат некакво влијание.
Дали и како може ова влијание да се измери? Ова прашање се обидува да го одговори сајтот Public Books, кој спровел анализа на пет различни списоци на назначајни романи на 21 век, при што секоја од листите одразува состојба во различна „ниша“ на книжевноста: издавачката индустрија, трговците со книги, мислењето на читателите, она на критичарите, и изборот на самите истражувачи. Така, истражуваниот примерок опфатил 439 поединечни наслови, сите објавени по 2000-та, кои вклучуваат сè, од бестселери, до такви кои им биле интересни само на академски настроените книжевници и критичари.
Од овој дијаграм, на кој на х оската книгите се подредени според рејтинзите на читателите од сајтот Goodreads (популарност), и y оската, која прикажува фрекфенција на цитираност во меѓународна библиографска дата-база (престиж), на прв поглед се гледа дека миленичињата на критиката (зелено и портокалово) и фаворитите на читателите (сино) се наоѓаат на различни места, и дека обете групи се разликуваат од бестселерите (црвено) кои остануваат на дното, без ниту еден академски цитат.
Еден од илустративните примери е „Аустрелиц“ на Себалд, високо ценета од академците, иако не се наоѓа често на полиците на книжарниците и во изборите на најпопуларни книги на читателите. Спротивен пример е „Диверџент“ (научна фантастика според која е направен и истоимен филм), чиј рејтинг се состои само од добрата продажба.
Но каде се тука наградите? Романите кои влегувале во финалиња за награди почесто се истражувани, предавани и читани од неноминираните. Книги кои немаат ниту една номинација имаат просечен рејтинг од 48,500 на Гудридс и не се појавуваат како теми на ниту една академска статија. Но ако некоја книга е номинирана за барем една книжевна награда, овие бројки растат на 56,000 на Гудридс и 17 цитати во дата базата MLA. За книги кои добиле награда, бројките се 98,500 и 23. Истиот тренд важи и за присуството на книги во наставни програми - ако книга има номинација тогаш во просек таа е застапена во 3.5 силабуси, а победниците во 15. За разлика од нив, неноминираните ги нема во ниту една наставна програма.
Накратко, заклучуваат авторите, наградите се важни. И тоа и не е некакво изненадување. Понеобична е важноста на самата номинација која прави една книга од тотално непозната одеднаш да се појави и на страниците на академските списанија и во училниците. Разликата помеѓу крајна маргинализираност и скромна слава е многу поголема отколку разликата помеѓу скромниот статус и награденоста. Оттаму, кога станува збор за современа проза, чест е и само да се биде номиниран.
Што е со нашите, македонски награди? Во толку мала средина, каде секој со секого се познава, дури и анонимните конкурси за награда не се баш толку анонимни, а и најчесните членови на жирија можат да бидат под голем притисок од секаков вид. Просечната продажба на книги од домашни автори претпоставуваме дека не е нешто сјајна, па се сомневаме дека и добивањето награда прави некаква разлика. Немаме пандан на македонски Гуд ридс, ниту пак некаков објективен книжарски податок, со прецизни бројки на продажба пред и по добивање на награда, за кажаното да го поткрепиме или да го провериме. Немаме ни релевантна дата-база од каде би можеле да извлечеме цитираност на книжевни дела во академски статии, и податок за фрекфенција на вклученост токму на наградуваните во наставни програми. Но она што сигурно го знаеме е дека освен генералната чест, главен мотив на авторите да добијат награда е економскиот. Навистина, и со и без награда продажбата е мала за човек да очекува да се збогати, но на пример 2500 илјади евра колку што изнесува една од книжевните награди во земјава не се за потценување. Книжевна - книжевна награда. Кој ти дава?