Во декември 2009 двајца корумпирани службеници од Пангео, место во планините на северна Грција, го однеле градоначалникот на „прошетка" по тивкиот брег. Уплашени дека тој ќе ги поткаже пред инспекциските органи заради систематско крадење од општинската каса, тие го убиле нивниот соучесник со узи, а потоа го оставиле телото во багажникот на неговиот автомобил, каде бил пронајден три дена подоцна. Убијците биле осудени на долги затворски казни, но за чудо, и покрај тоа што сега веќе се работело за осудени криминалци, продолжиле да добиваат дел од нивните плати. „Го убија градоначалникот, но сè уште се платени" - бил насловот во еден грчки весник.
Во „Комплетна катастрофа: патувања меѓу новите грчки урнатини", Џејмс Ангелос ја документира дисфункцијата која според него лежи во с’ржта на грчкото општество, и како таа ја доведе земјата до економски колапс. Авторот е фриленс новинар базиран во Берлин, и поранешен дописник на Wall Street Journal, како и син на грчки имигранти. Во книгата, низ мешавина на (како што вели критичарот на Њујорк Тајмс) „гадење и енергичност" тој ги опишува своите патувања не само низ грчките градови туку и по планинските села и далечните острови, кои не се изземени од далаверите кои Грците ги правеле со години, често со поддршка на власта.
За да разбере како дошла Грција во ситуација да има 25% невработеност, инфраструктура што се распаѓа, зголемен број самоубиства и бездомништва, Ангелос меѓу другото го посетува Закинтос, иронично наречен „островот на слепите" откако било откриено дека речиси 2% од населението - девет пати повеќе од стапката во повеќето европски земји - добива социјална помош за нарушен вид. Тој ја разоткрива шемата по која по овој основ се цицале пари од Министерството за здравство, во која учествувале неколкумина, од единствениот офталмолог во болницата до задолжениот за потпишување на исплатите во општината, што е само еден од скандалите со социјална помош во Грција која ја чинеше владата милијарди евра.
Сепак, за повеќето Грци вината не лежи во нив туку во нивните кредитори. Ангелос прави профил на Манолис Глезос, член на Сириза на свои деведесетина години, кој во Грција е обожуван заради храбриот чин кој го направил во текот на Втората светска војна. Како тинејџер во окупирана Атина тој една вечер се качил на Акрополис и од таму го симнал нацистичкото знаме. Неколку децении подоцна Глезос стана една од водечките фигури во бранот отпор против грчкиот главен кредитор, Германија. Но дури и кон дедово Ангелос има поделени чувства, третирајќи го де како демагог, де како херој. „Се фатив себеси како балансирам помеѓу мојот отпор кон популистичките дезинформации кои тој ги шири во врска со можност за наплата на воени репарации од Германија, и како плачам од сожалување кон него", признава самиот.
Посебно поглавје е посветено на ЕРТ, државниот радиофидузер, и хуманитарната катастрофа со илјадниците отпуштени од оваа куќа во момент кога Грција сакаше да ја убеди Европа дека е сериозна во напорите да се елеминира долгот. И тука, и покрај емпатијата кон неговите колеги-новинари, Ангелос пренесува ставови на самите Грци дека четирите канали колку што ги има ЕРТ се „едноставно негледливи", во смисла на нивната здодевност и политичка обоеност.
Книгата завршува со истражувачка сторија во врска со Златна зора и профили на неколку нејзини членови, меѓу кои Николаос Михалолиакос, физички низок но пис на јазик член на оваа партија, кој е познат по тоа што го негира холокаустот и ги тероризира имигрантите. Со неговото влегување во Парламентот, вели Ангелос, „тој се вброи во пантеонот ниски, опасни мажи низ историјата кои во нивната борба за моќ ги надминале очекувањата за тоа колку навистина можат да ја добијат".
За земја која на светот им ги дала Сократ или Аристотел, тоа е депресивен чекор по удолница, заклучува Њујорк Тајмс. Ама истата таа земја вчера (додуша повеќе од инает, отколку од разум) ѝ рече ОХИ на Европа, чие име oзначува грчка божица.
Ако сакате да го следите Ангелос на Твитер @JamesAngelos