Комисијата во која би сакале да членуваме

Не е за македонско-бугарски прашања. Не е државна изборна или за тендери. Ова се луѓе чија единствена задача била - да пробуваат чаеви.

Цели 99 години владата на САД вработувала група луѓе кои требало да го испитуваат квалитетот на увезениот чај со тоа што просто ќе го пробуваат. За да не се препиваат, тие само земале голтка, ја маткале низ уста и ја плукале (како да дегустираат вино) и врз основа на ова дозволувале или не производот да се најде на пазарот.

Одборот на чајни експерти, како што бил наречен, бил создаден врз основа на Законот за увоз на чај од 1897. Тој требало да ги заштити потрошувачите од внесени верзии на оваа билка (да, чајот е растение од видот камелии), кои понекогаш не биле подобри од „слама или мачешка трева“. Законот бил донесен во момент кога се појавила голема јавна загриженост околу исправноста на храната, а бил дел од регулаторна структура која подоцна ќе ги опфати храната, лековите и козметиката. 

Властите секако не биле загрижени само за вкусот туку и за „квалитетот, чистотата и соодветноста за конзумирање“ на чајните листови. Но анализирањето на хемиските квалитети можело да трае многу време и подразбирало опрема, па на крај било одлучено група мажи со добро „наштимани“ непца да се зафатат со оваа работа. 

Во текот на работното време тие седеле низ канцелариите на Агенцијата за храна и лекови низ земјата и низ нешто што изгледа како ритуал (или требало да асоцира на некаква систематичност) го мереле чајот, го подготвувале и го вкусувале. Платите на овие луѓе кои баш и не правеле нешто посебно го чинеле буџетот 400.000 долари во денешни пари. 

Дваесет години различни влади се обидувале да го затворат овој оддел, но ова успеало дури во 1996, кога бил донесен Законот за укинување на позицијата федерални пробувачи на чај (Federal Tea Tasters Repeal Act). Tака за жал згаснала една баш убава институција. 

извор

11 септември 2024 - 09:36