За бестселерот „Види кој се врати" од Тимур Вермеш, врз кого е базиран новиот филм, пишувавме веднаш штом излезе на македонски, а многу бргу по нејзиното објавување во Германија. Уште тогаш некако беше јасно дека романот е податен за филмско сценарио. И еве го како ги „руши благајните", за кратко време заработувајќи околу 11 милиони евра.
Книгата, а сега и филмот, го прикажуваат Хитлер како одеднаш се буди во современ Берлин, без какво и да е паметење за настаните пред 1945. Иако навидум загубен во сиот наплив на информации и нови технологии, кои му се случиле на светов последниов половина век додека бил отсутен, тој успева да добие сопствено ТВ шоу, да стане медиумска ѕвезда и да влијае врз разгорувањето на и онака никогаш незгаснатите десничарски страсти во земјата. Притоа не се штедат критики кон современите политичари и кон медиумите. „Мило ми е што Гебелс никогаш нема да го види ова", изјавува Хитлер кога ја гледа државната германска телевизија, полна со емисии за готвење и реални шоуа, а Ангела Меркел е опишана како „несмасна жена со харизма на мокра кнедла".
Режисерот на филмот вели дека одлучил да го направи филмот како комедија, но со таков хумор кој е сладок само на почетокот, за потоа да засрами и да натера на размислување.
„Германците треба да му се смеат на Хитлер, а не да го гледаат како чудовиште, бидејќи второво го ослободува од одговорност за неговите дела и го отргнува вниманието од неговата вина за холокаустот", изјавил Дејвид Внент за Гардијан. „Но ова би требало да биде таков вид на смеење од кое по некое време ќе те стегне нешто во грлото, и од кое ќе се засрамиш".
Но средбата на обичните луѓе со „реинкарнираниот" Хитлер е по малку зачудувачка. Продуцентите решиле целата екипа да патува низ Германија, и да ги снимат реакциите. Иако очекувале работата да биде поинаква, во 300 часови снимен материјал имало само две негативни реакции. Сите сакале да се сликаат или пак му отпоздравувале со нацистичкиот поздрав. Голем дел од луѓето и му правеле муабет како тој да е вистинскиот лидер, жалејќи му се на имиграцијата и на тоа дека доселениците од Африка „го намалуваат коефициентот на интелигенција на Германија за 20%".
И покрај тоа што продуцентите ги тријат рацете затоа што Хитлер очигледно добро се продава, сето ова создава малку чудно чувство - дека е смешно и интересно нешто што во принцип би требало да биде страшно.
Трејлер за филмот: