Букбокс читанка

„ВИДИ КОЈ СЕ ВРАТИ“ од Тимур Вермеш

Четврто во светот, и прво на Балканот, македонското издание на бестселерот на германско-унгарскиот писател Вермеш.

На насловната препознатлива фризура - славната „ко крава да те лижела"/„у раздељак те љубим", која уште и во комбинација со мустаќот, вешто дизајнерски формиран од самиот наслов, на прв поглед асоцира само на еден човек. Види, види..стварно се вратил?

Играта со време и простор, кога е во прашање Хитлер, до сега ми асоцираше само на две работи. Едната е романот на Дежуловиќ, „Кристкинд", кого жанровски го одредија како научно-фантастичен, а во кој главниот јунак треба, но не смогнува сила, да убие едно осумгодишно дете по име Адолф Хитлер, и со тоа не успева да го смени текот на историјата. Втората е неодамнешната лажна реклама, направена од германски студенти по филмска режија, во која возач на Мерцедес, овој пат без етички дилеми, прегазува дете со истото име и презиме, по што следи ударното: „(Мерцедес) ги открива опасностите пред тие да се случат". Обата примери се поврзани со превенција на иднината и/или замислено враќање во минатото. Но Хитлер кој се буди во сегашноста, после повеќе од шеесет години, откако во 1945 „заспал", е за таква верзија прв пат слушнав. А идејата е толку елегантна, едноставна, очигледно комерцијално исплатлива ако се реализира како сатира, што е просто чудно како некој претходно не се сетил на неа. Епа можеби се сетил, ама можеби и не е толку едноставно.

Адолф се буди во Берлин летото 2011, зачуден од тоа како изгледа градот. Малку Руси, многу Турци. Велосипедисти со чудни шлемови и уште почудни нешта во ушите. Првиот логичен потег за разјаснување на ситуацијата му е да си го побара изворот кому најмногу му верува - сопствениот весник „Народен набљудувач". Но него го нема на штандовите, а наместо тоа има куп „шарено ѓубре", од чијашто анализа сепак успева да сфати - дека важи за мртов. „Но сите знаеме колку вредат нашите весници", иронично забележува во однос на нивната веродостојност. „Глувиот пишува она што му го чита слепиот, селскиот будала го поправа текстот, а колегите од другите издавачки куќи го препишуваат. Секоја приказна одново се прераскажува со излитените лаги, за на крајот на лековерниот народ да му се сервира 'прекрасната' измислица." Звучи познато?

Ова е само еден од многубројните критички коментари со кои е зачинета книгата (која во Европа се продава по цена од 19.33 евра, ви текнува?), а кои се толку силни што она што е најавено како комичен роман веќе после десетина страници почнува да личи на сериозна анализа на современите општествени состојби, и не само во Германија. Сето она што притоа се констатира во голема мерка држи вода, погледнато од перспективата на историскиот контекст од кој доаѓа Хитлер, неговата идеологија и политички цели. Во еден момент тоа не само што не ви предизвикува смеа, туку почнува и длабоко да ве загрижува. „До каде ќе оди авторот, а да не се изгори?", си помислувате.

Токму на ова место станува јасно зошто до сега никој книжевно не го сместил Хитлера во сегашноста - тоа е толку ризично, што е потребна навистина голема вештина за да се балансира на тенкото сечило на сатирата, така за да не излезе дека истите тие ставови на кои авторот наводно се потсмева всушност прикриено ги промовира. Вермеш во тоа успева, иако зрнцето нелагодност до крајот на книгата сепак останува. Таа (нелагодноста) има врска пред сè со Хитлер, како лик, кого авторот го прикажува како стамен, непоколеблив, крајно интелигентен, и на крајот успешен човек, кој успева од нигде никаде (точно така како што и историски се случило во триесетите на дваесетиот век) да ги заведе неговите сограѓани, па макар и како „обичен" стенд-ап комичар и водител на шоу, а не како фирер. Тоа што Хитлер за неверојатно кратко време станува „прајм-тајм" ѕвезда на германската телевизија, во чие шоу гостуваат современи германски политичари на кои тој им ја вади маста со коментари и прашања, е од една страна наративно најефектниот, но од друга страна социјално најзагрижувачкиот момент - моќта на медиумите да создадат култ од некој кој во принцип е отелотворување на злото, е силно предупредување кон медиумите, сите „Големи браќа", „Фарми" и слични шоуа и нивното уништувачко културно влијание.

Не знам која му била првичната намера на Вермеш, но некако интуитивно ми изгледа дека тој немал намера да напише хумористичен роман. Книгата на моменти клони кон комичност, што заради објективно смешните соочувања на некој кој се разбудил по седумдесет години со новите технологии(„ниту еден здрав човек не можеше да ги запамти имињата на овие фирми, но сите ѝ припаѓаа на групација што се нарекуваше www"), што намерно за да се ублажи реторичкиот ефект на тешката артилерија на критики кон современата германска политика. Некои од поентите во оваа смисла македонскиот читател, неупатен во сите финеси и ликови на германската политичка сцена, можеби и ќе ги пропушти. За таа цел на крајот од книгата има поимник кој би требало да ги разјасни . Но тие и не се толку важни, особено што главните протагонисти („тронтлата" Ангела) сигурно ќе ги препознаете. Важно е прашањето кое повеќето критичари на книгата го поставуваат, без притоа да можат децидно на него да одговорат, а кое според нив е клучно за оценување на уметничката вредност на книгата - „Може ли Хитлер да биде смешен?". Ако да, ова е комичен и сатиричен роман, нешто што во сферата на хитлерохумористичното се надоврзува на „Големиот диктатор" на Чаплин. Ако не, тогаш е роман-есеј, за состојбата во која може да западне секоја култура, која ќе дозволи радикалните идеологии да завладеат со неа, потпомогната од манипулацијата на масовните медиуми и глупоста на политичарите на власт.

Не е смешно, нели?

27 септември 2013 - 08:30