Колку е тоа „необично голем број" кога станува збор за зборовите за опишување снежни појави во „ескимскиот"? 25, 50, 99, 400? Наоколу кружат различни бројки, и тоа одамна - уште од времето кога американскиот лингвист и антрополог Франц Боас, основач на модерната антропологија, во 1911 го издал „Прирачникот за американско-индијански јазици" во кој наведува неколку варијанти за зборот „снег" кај Ескимите, како aput - снег на земја, qana - снег што паѓа, piqsirpoq - што летка и qimuqsuq - снежна буричка, или таканаречена лапавица.
Бројките толку почнале да се пумпаат, што Њујорк Тајмс во 1988, и тоа во рубриката за наука, објавил дека „Ескимите имаат околу сто зборови за опишување на снегот". Професионалните лингвисти почнале да се нервираат. Ај три, ај пет, ама сто?
Во што е проблемот со темава? Еве неколку:
Како за почеток
Не постои еден единствен „ескимски" јазик. „Ескими" се широк термин за Инуитите и другите народи кои живеат во поларните региои на Аљаска, Канада, Гренланд и Сибир. Тие зборуваат различни јазици, како јупик, западно-гренландски или калаалисут и инуктитут. Секој од нив има голем број дијалекти. Кај некои има повеќе зборови за снег, кај други помалку.
„Необично многу"
Приказната за големиот број снежни думи кај Ескимите долго време е (зло)употребувана од страна на антрополозите и психолозите за да се докаже врската помеѓу јазикот, културата и светогледот. Демек кај оние живеат помеѓу снег, нормално е тој аспект од нивниот живот да им доминира во јазикот и да е подложен на развивање такви нијанси кои не постојат во други јазици. Таа „логика" делува убедливо, и оттаму лесно се прелеала од умерените лингвистички кругови кон сродните дисциплини, а оттаму веќе неконтролирано кај пошироката јавност.
Но таа - јавноста - често е несвесна за штетата која ваквите теории можат да ја направат по профилот на некој народ. Раните етнографи користеле лингвистички „докази" за да претстават некои (диви, примитивни) народи како поглупи од другите. Книга од 1827 посветена на Лапланд (Финска) вели дека „во јазикот во овој регион има пет зборови за снег, седум или осум за планина, но доблеста и свеста мораат да се изразат описно" (односно нема зборови за нив=не постојат како концепти). Ова е сосема погрешно толкување на врската помеѓу бројот (квантитетот) на зборовите и важноста која му се придава на некој концепт. Можеби баш за најважното никој не смее (или не сака) да зборува?
Големата измама
Во 1991 излегува статија на Џефри Пулум под наслов „Големата измама со речникот на Ескимите". Со оглед на тоа што споменатите јазици се полисинтетички, вели тој, што значи комбинираат ограничен број корени и завршетоци на зборови за да создадат нови, излегува дека дури и комплицирани концепти можат да се искажат со само еден збор. Пример: oqaq е јазик, оqaaseq е збор, oqaqluppoq e зборува итн. Значи вистинското прашање не е колку зборови имаат Ескимите за снег, туку колку корени за вакви зборови. Така, излегува дека на пример во западно-гренландскиот има само два збора за снег, од кои се изведени голем број други.
Друг проблем е како ги броиме зборовите за снег? Дали збор кој означува „снег за правење иглу" е збор за снег, или за градежен материјал?
Целиов муабет покажува со колкава резерва треба да се земат „фактите" кои изгледаат како еднаш засекогаш воспоставени концепти, информации и убедувања, и колкава е важноста во такви ситуации на реакцијата од страна на академската заедница. Излегува дека дури и таа не само што не е имуна, туку често самата создава и одржува вакви легенди, држејќи се до нив како слеп за стап, и правејќи копи/пејст од нив од статија во статија, и од учебник во учебник.