Колку треба да бидат вистинити биографските филмови?

Лиза Мари Присли била бесна откако го видела филмот на Софија Копола, кој го прикажува животот на нејзииното семејство. Вистинските ликови зад драмата „Мај декември“ исто така немале баш пофални зборови за истиот. Иако се готов извор на супер приказни, биографиите знаат да бидат ризични за екранизација.

Во славниот „Титаник“ на Џејмс Камерон, додека прекуокеанскиот брод тоне сè подлабоко во замрзнатите води на Атлантскиот океан, првиот офицер Вилијам Мардок го вади својот пиштол за да воведе некој ред помеѓу паничната толпа што се обидува да фати место во чамците за спасување. Во паника тој пука во патниците. Еден ирски работник, Томи Рајан, паѓа на подот и крвари до смрт. Кога сфаќа што направил, Мардок за последен пат му салутира на колега во близина и го врти пиштолот кон себе. 

Кога се појавил во кино-салите во 1997, публиката останувала без здив на оваа сцена. Освен во малиот град Далбити во Шкотска, каде пораснал реалниот Мардок (камена плоча на градското собрание до денес го поздравува овој негов „хероизам“). Семејството остро реагирало на времето, дека капетанот никого не убил, и кренало толкава џева што потпретседателот на 20th Century Fox, студиото зад филмот, морал да се извинува и да исплати отштета. Подоцна изјавил дека „веројатно било грешка“ да се внесува лик на постоечки човек во една таква сцена. 

И по четврт век, Холивуд се уште ја нема разрешено моралната дилема со која се соочил Камерон, кога се прави филм инспириран од реални луѓе и настани. Има линија која понекогаш е премината, поради режисерската желба да ја раскаже најинтересната можна приказна, што има приоритет пред одговорноста кон луѓето, било да се живи или мртви, чии искуства се „рударат“ во потрага по содржина. Најнови примери се драмата „Мај декември“ на Тод Хајнс и биографскиот филм „Една љубов“ за Боб Марли кој е се уште во изработка.

Првиот е инспириран од приказната на Мери Кеј Летурно, реална американска наставничка, тогаш на возраст од 34 години, која во 1997 е осудена на затворска казна, затоа што имала секс со 12-годишен ученик, Вили Фуалау. По издржувањето на шестгодишната казна, парот се венчава и има две деца. „Мај декември“ фиктивно прикажува голем број елементи од нивниот брак, вклучувајќи ја Натали Портман како актерка која треба да глуми во филм базиран врз нивните животи. 

Начинот на кои се прикажани работите го навредиле вистинскиот Вили, кој јавно се оградил од филмот. И тој не е единствениот. Лиза Мари Присли наводно ѝ пишала на Софија Копола дека сценариото на последниот филм на оваа режисерка, „Присила“ бил „шокантно одмазднички и злонамерен“ и го опишувал Присли како „предатор“. Чарлс Опенхајмер, внукот на нуклеарниот физичар од истоимениот филм, изјавил дека му паднало многу непријатно поради сцената во која научникот се обидува да си го отруе менторот со јаболко со цијанид, а за која нема никаква поткрепа во реалниот живот. И овие поплаки не се од сега, туку такви има речиси за сите биографски филмови кои некогаш биле снимени во Холивуд. 

Па сепак, неспорно е дека токму често го добиваат и најголемото внимание. Оваа сезона „Маестро“, за животот на Леонард Бернштајн и „Општество на снегот“ за вистинска несреќа на Андите, се очекува да бидат помеѓу фаворитите за големите награди, но се направени во соработка со ликовите или со семејствата. Можеби ова е знак за еволуцијата на филмската индустрија, кога станува збор за раскажување а не за експлоатирање на вистинските човечки приказни. 

извор

18 јануари 2024 - 11:32