Колку коректорски грешки може да собере во еден текст?

Непосреден повод за оваа статија е текст на тазе гаранција добиена за апарат за далечинско заклучување на возило. Но и генералниот муабет помеѓу оние кои со години се занимаваат со издавање и печатење книги, дека во предкомпјутерско време се правеа помалку грешки.

Буквите кои еден словослагач требаше да ги реди на времето (да, толку сме стари за да се сеќаваме на ова) за да отпечати што и да е, помеѓу обичен леток на една страничка или книга од стотици страници, стоеа во дрвени фиокички - големите горе (затоа и на англиски се викаат „апер кејс“ - стојат во горното чекмеџе), а малите долу („лоуер кејс“). Главејќи ги во железна рамка, тој формираше зборови и реченици, организирани во пасуси и страници. 

Работата во печатница барала огромно трпение и концентрација, особено доколку се користеле помали фонтови, за кои оловните букви можеа да бидат во величина од само неколку милиметри. Не е ни чудно што во вакви услови се провлекувала и по некоја грешка, а некои од нив влегле во легендите. Така, Светото писмо во верзијата на кралот Џејмс имало точно 783.137 зборови, но за несреќа на лондонската печатница на Роберт Бејкер и Мартин Лукас, официјални кралски печатари, во нивното издание од 1631 биле изоставени две клучни букви, односно еден клучен збор - „не“. Така, верзија на Изгон 20:14 гласи: „Врши прељуба“, поради што таа подоцна била наречена „Палавата Библија“. А можеби словослагачот само ги изразил своите лични ставови кон прашањето?

Историјата на книжевноста е историја на грешки, едноставни коректорски или поголеми технички пропусти. Причините варираат, од незнаење, небрежност или од едноставен умор. Уште една легенда вели дека кога бил преземен потфат за печатење на совршена книга, на нејзината корица гордо пишувало ВО ОВАА КНИГА НЕМА ГРАШКА.

Типографски грешки како овие се познати како „ерата“ (errata), а во постарите книги постоеа накнадно залепени или вметнати ливчиња на кои истите беа набележани, со страниците на кои се среќаваат, практично како некој вид извинување кон читателот. Најчесто тие содржеа список од по пет-шест грешки, за книги кои знаеа да имаат стотици страници. Иако во историјата имало и покреативни решенија за поправање на „ератите“, како кога англиски писар од крајот на 13 век, откако по грешка испуштил една реченица, на маргините на страницата нацртал мал селанец кој со чекрк ја поставува на коректното место. 

Денес тоа да нема грешка во издание на македонски е рамно на чудо. За човек да не се нервира, малите коректорски грешки од типот на промашена буква веќе не ги ни брои како пропуст. Компјутерите божем ја забрзаа работата, но токму тоа е и проблемот - посредникот помеѓу текстот и оној кој го произведува, машината, сега може да биде обвинет за сè, од променет редослед на страници до текст кој недостасува. А веројатно и за ова конвертирање од латиница во кирилица:

2 септември 2022 - 16:21