Кога Гутенберг ја измислил печатарската преса во 1440, не можел да предвиди дека неговиот скромен пронајдок ќе доведе до развој на глобална индустрија која произведува милиони книги годишно. Во вековите кои следеле, како што се печатело, така и се трупало, па вкупниот број на книги никој не може да го знае. Но иако броење на поединечни изданија е сизифовска работа, според Ментал Флос можеби има начин барем отприлика да се процени колку наслови биле објавени до сега во светот.
Првото и навидум едноставното прашање кое се поставува при ваквото пребројување е - што е тоа книга? Ако за пример ја земеме дефиницијата на Гугл Букс од 2010, чија амбиција е дигитализирање на сиот печатен материјал, тоа е „идеализиран заокружен том“, што може да подразбира и бестселер роман достапен по аеродроми и во супермаркети, до ретки луксузни изданија во кожен повез или каталогизиран ракопис од нечија докторска теза, која тивко чучи во некоја универзитетска збирка.
Оваа дефиниција всушност го отсликува концептот кој стои во основа на Меѓународниот стандарден книшки број (ISBN), кого треба да го има секое издание во светот, а претставува универзален идентификатор на сите отпечатени и каталогизирани книги. Но овие бројчиња постојат од средината на 1960-тите и не се практика баш во сите земји, плус ИСБН добиваат и предмети кои не се книги-книги (нешта на хартија, со корици, какви што обично ги замислуваме), туку и едукативни ДВД-иња или аудио книги. Затоа, потпирањето само на ИСБН за одредување на бројот на книги не е најдобриот начин.
Гугл букс се обидува да го надмине овој проблем, и користи вкрстени проверки на над милијарда податоци од 150 различни извори. Откако ги исфрлил сите претпоставени дупликати, двете милиони видеа, двете милиони мапи и некаков мерач на температура за печење мисирка кој бил некогаш заведен како книга како првоаприлска шега, Гугл Букс дошол до бројка од - (тука звук на барабан) - 129.864,880 книги.
Методологијата на Гугл сепак има некои фалинки - прво, нивниот алгоритам е стар веќе 6 години, и не ги зема предвид големиот број самиздати кои се тренд во последно време, особено оние во дигитален формат, кои ретко или воопшто не се регистрирани во ИСБН базата. Бројката која би ги вклучила и нив сигурно би скокнала за некое илјадарче. Ама тоа и не е толку важно. Поентата на целиот муабет е всушност - дека никогаш, ама баш никогаш човек не може да ги прочита сите книги на светот, меѓу другото и затоа што дур ти читаш, друг пишува и објавува, и тоа според некои проценки 755,755 нови наслови во светот годишно.
Човек се прашува не само дали вреди да трча по овие бројки, туку и дали воопшто може нешто ново да се каже покрај толку веќе отпечатени зборови.