Која била првата забранета книга во историјата?

Нема појак доказ од моќта на пишаниот збор од фактот дека историски луѓето на кои тој збор не им одговарал по секоја цена сакале да го забранат. Иако што било „прво“ често пати е тешко да се лоцира, јасно е дека во минатото (а во некои контексти и денес) да се пишува нешто против мејнстримот било опасно не само по книгата, туку и по животот.

Во 1637, човек по име Томас Мортон објавил книга под наслов „Новиот англиски Канаан“. Taa била остра критика на конзервативниот живот на Пуританците, англиски протестанти кои верувале дека реформата на Црквата на Англија (која требала да обезбеди оддалечување од онаа католичката) не оди доволно далеку и дека генералните правила за верниците треба да бидат построги (од таму и денешното „пуританец“).

Самиот Мортон се соочил со ваквите ставови откако се преселил во Масачусетс во 1624. Споредено со конзервативноста на таа средина, Мортон бил хедонист кој сакал да се журка (онолку колку што тоа било можно тогаш). Бил исто така пријателски настроен кон домородното население, нешто што Пуританците не го сакале. На крај бил исфрлен од заедницата а подоцна поднел тужба поради присилната релокација.

Од аспект на заедницата, Мортон бил директна закана по нејзиниот начин на живот. Неговата книга била доживеана како напад врз пуританскиот морал, па тие ја забраниле, во пакет со забраната на Мортон да живее меѓу нив. Тој останал персона нон грата до својата смрт во 1643.

И други книги во тоа време доживеале слична судбина, и имале врска со слични, верски теми. Такви биле „Христијанскиот комонвелт“ од Џон Елиот во 1640-тите и анти-пуританската „Доблесната цена на нашето спасение“ (претпоставуваме ироничен наслов) од Вилијам Пинчон во 1650-тите. 

Но има и постари и многу подраматични примери на забрани, кои вклучувале егзекуција на авторите. Помеѓу 259 и 210-тата пред наша ера, кинескиот цар Кин Ши Хуанг погубил 460 проучувачи на делото на Конфуциј со тоа што ги закопал живи (зошто да се забрануваат книги кога е полесно да се превенира авторот да напише нешто контроверзно ако е мртов?), што е веројатно најстариот пример за забрана на пишан збор, иако не и на „книга“ во денешната смисла на зборот. Во 35-тата година од нашата ера, римскиот цар Калигула, кој нели е познат по своите јаки морални норми, ги обесхрабрувал луѓето да ја читаат Хомеровата „Одисеја“, затоа што тоа можело да им покаже што значи да си слободен.

Денес, идејата за забранети книги е честа мета на потсмев, но тоа не значи дека тие не се отстрануваат од полиците на книжарниците, од училишните библиотеки и наставните програми. Но тоа понекогаш го има точно обратниот ефект. Слично како кога околу 1497-ма Џироламо Савонарола, Фирентинец кој се сметал за морален диктатор, решил да пали книги и слики кои имале врска со секс и секаков вид „грев“. Една година подоцна, тој бил присутен на уште едно палење. Овој пат на кладата бил самиот тој.

извор

4 октомври 2023 - 10:19