Секоја недела, Раџеш Рао, компјутерски инженер, добива мејлови од луѓе кои тврдат дека го декодирале древното писмо кое ги мачи истражувачите со генерации. Самопрогласените „коуд-брејкери“, од инженери до пензионери и даночни инспектори - се главно од Индија или од дијаспората. Сите се убедени дека го имаат дешифрирано писмото на цивилизацијата од долината на Инд, што претставува мешавина од знаци и симболи.
Како дополнителен стимул, МК Сталин (да, Сталин), главниот министер на јужната индиска држава Тамил Наду, неодамна најави награда од еден милион долари за оној што навистина ќе го открие клучот.
Индската или Харапаската цивилизација, едно од најраните урбани општества во светот, се појавила пред 5300 години во денешна северозападна Индија и Пакистан. Нејзините земјоделци и трговци, кои живееле во градови обиколени со ѕидини, опстанувале со векови. Од нејзиното откривање пред еден век, низ регионот се детектирани околу 2000 градови.
Причините за ненадејното распаѓање на ова општество остануваат мистерија, бидејќи нема докази ни за војна, ни за глад, ни за природни катастрофи. Сепак, најголемата мистерија е недешифрираното писмо, со кое се испишани материјални остатоци кои веројатно зборуваат за начинот на владеењето и верувањата.
На еден век лингвисти, археолози и други научници се обидуваат да најдат некакво објаснување. Засега е најпопуларна „спектакуларната“ теорија дека ова писмо е поврзано со хиндуистичките списи и дека тие имаат духовно и магично значење. Но таа го игнорира фактот дека знаците и симболите се појавуваат на камени печати кои биле користени за трговија и она што денес би го нарекле бизнис, па оттаму тешко би има религиозна или магиска содржина.
Сепак има голем број предизвици во однос на дешифрирањето. Прво, малиот број на записи, околу 4000, речиси сите на мали предмети како плочки, глинени садови и печати. Потоа, текстовите се многу кратки, во просек со по пет знаци или симболи. Не постои двојазичен артефакт како во случајот со Каменот од Розета кој би помогнал да се направи споредба помеѓу познато и непознато писмо. Неодамнешен напредок е остварен со користење на техники на машинско учење, а научници како спомнатиот Рао се дел од тој тим. Тие се фокусираат на примена на статистички и компјутациски методи, со кои сфатиле дека 67 знаци сочинуваат 80% од текстовите. Притоа, најчесто користениот сисмбол е - вазна со две рачки.
Ова не е единственото писмо кое останува мистерија. Такви се и писмата на Прото-Еламитите (Иран), Линеарното А (Крит) и Етрурскиот (Италија), чии јазици се непознати. Други, како Ронгоронго (Велигденски острови) и Запотек (Мексико), имаат познати јазици но симболите се нејасни. Со оглед на тоа колку траат овие истражувања а притоа нема некој голем напредок, изгледа дека наградата нема наскоро да биде подигната.