За разлика од голем број афоризми и „ама-стварно-тој-и-тој-го-кажа“ изреки кои кружат по интернетот, историјата е прилично сигурна од каде потекнува „Перото е посилно од мечот“.
Во 1839, драматургот Едварт Булвер-Лајтон премиерно ја прикажал својата претстава „Ришелје или заговорот“, за министерот на кралот Луј 13-ти. Откако открива конспирација за напад на царот, кардиналот Ришелје размислува што да направи во ситуација во која не може физички да излезе на крај со непријателите. Во еден момент извикува: „Перото е посилно од мечот - одземете ги мечовите и царствата можат да бидат спасени и без нив!“.
„Ришелје“ не доживеала некоја посебна слава како драма, но овој конкретен дел го привлекол вниманието на публиката и станал кратенка за попрагматични начини на разрешување конфликти.
Иако заслужува да биде спомнат поради промовирањето на поговорката, секако е можно Булвер-Лајтон да бил инспириран од претходни, слични на неа. Уште во 17 век, авторот Роберт Бартон напишал дека „Ударот со збор повредува подлабоко отколку ударот со меч“. Слична изрека му се припишува и на Наполеон - „Четири непријателски настроени весници се пострашни од 1000 бајонети“. А и во македонскиот моќта на јазикот и зборот е прилично јасна - „Јазикот коски нема, но коски крши“.