Жирито за главната награда оваа година во Кан е доста „шарено“: ги вклучува актерките Кристен Стујарт и Леа Сиду, режисерите Ава ДуВерне, Денис Вилнев и Андреј Звјагинцев, а претседателка е Кејт Бланшет. Се работи за многу различни сензибилитети, и не постои формула според која уште од сега би било јасно кој ќе биде победникот. Indie Wire секоја година објавува свој список на потенцијални добитници на Златна палма, и еве некои од нивните фаворити, кои и да не добијат палма ќе бидат на списокот за наше идно гледање:
1. „Среќен како Лазаро“ (режисерка Алис Рорвашер)
Приказна за изолирано село под име Инвиолата во Италија и искуствата на еден млад маж кој се враќа во него откако се соочил со отуѓеноста на животот во голем град. Иако почнува вака, „пасторално“, тој во вториот дел преминува во надреална приказна, која станува алегорична мистерија. Рорвашер се смета за силен кандидат особено заради тоа што веќе има добиено висока награда, Гранд при-то во 2014 за „Чуда“, за семејство на одгледувачи на пчели кое живее во Тоскана, а чија ќерка се пријавува за учество во ТВ шоу.
2. „Студена војна“ (р. Павел Павликовски)
Павликовски, по добивањето на Оскарот за странски филм за „Ида“, во овој филм зборува за љубовна приказна која се одвива во текот на 20 години во поствоена Европа. По премиерата во Кан доби стоечки овации, и барем на ниво на муабет и оваа година е кандидат за Оскарот, а истовремено и за Златната палма.
3. „Девојки на сонцето“ (р. Ева Хусон)
Воена драма за женски батаљон курдски жени, кои влегуваат во град владеан од исламски екстремисти. Иако според некои критичари има и патетични моменти, тој содржи одлични акциони сцени и моќна нарација, заради која е забележан како кандидат за награда.
4. „Јомедин“ (р. А. Б. Шавки)
„Срцестоплувачки“ филм кој е единствениот дебитантски во програмата за награда. Филмот следи човек кој живее во колонија за лепрозни и заминува на пат да си го најде семејството. Од оние филмови кои се оценети како „краудплизери“ (по нашки - народски), но тој може лесно да стане и консензуален избор за Палма-та.
5. „Три лица“ (р. Џафар Пнахи)
Последниот отпор кон забраната за снимање во родниот Иран на овој режисер е филм за бавно патување низ турските села, чиј главен протагонист повторно е самиот режисер. Исто како и кога требаше да ја земе Златната мечка во Берлин за „Такси“, и сега присуството на Канскиот фестивал не му беше дозволено од страна на иранските власти. Единствена можна маана за награда на филмот е тоа што е преспор.
6. „Лето“ (р. Кирил Сребреников)
Пред да ја заврши оваа ода на музичката контракултура во СССР режисерот беше ставен во домашен притвор, но тоа не го спречи да ја заокружи оваа црно-бела панк сторија која ја натера канската публика да одржува ритам со енергичната музика. Можеби и не е најјакиот филм во конкуренција, но може да добие награда како симболичен гест на поддршка на режисерот.
7. „Сликовница“ (р. Жан-Лик Годар)
Експерименталниот филм полн со воени слики не го остава истиот шокантен впечаток како и неговиот „Збогум на јазикот“ во 3Д од пред неколку години кога ја доби наградата на жирото. Сепак, Годар се смета за национално богатство, па оттаму и појавата на еден ваков филм во конкуренција за наградата.