Наместо да оди на традиционалното, романтично портретирање на Париз или да прави „слетови“ на стадион, Томас Жоли, уметнички директор на отворањето на Олимписките игри во Париз, се одлучи да оди на ризик. Националните тимови мафтаа од бротчиња на Сена, од водата излегуваа златни статуи, едни (несинхронизирано) играа кан-кан, други рапуваа, живописни ликови одеа по модна писта и ја ре-креираа „Тајната вечера“, а други маскирани прескокнуваа кровови и јаваа коњи во сцени кои личеа на најава на Апокалипсата или на спот за The Man Comes Around на Џони Кеш.
Бурата коментари не стивнува, а тоа покажува само едно - дека Жоли (42) направи нешто што до сега никој не го има направено, ги протресе стандардите за тоа како може да изгледа една ваква претстава, особено (или само затоа што) истата се одвиваше на улиците на Париз.
Велиме претстава, затоа што почетоците на овој режисер се врзани токму со театарот. Кога имал 11 години, во 1993, тој се приклучил на детска театарска група во близина на Руен. Ова искуство го поттикнало подоцна и да запише театарска академија. Неговите професори го опишувале како „Петар Пан“, чија љубов кон театарот била заразна.
Во 2006 основал своја театарска трупа, Ла Пикола фамилија. Иако најпрвин повеќе сакал да глуми, сега ја открил посилната пасија за режија. Неговите продукции се мешавина од класични и современи дела, нагласувајќи ја, според критиката, неговата иновативна визија и прекршувањето на конвенциите.
Неговиот најголем успех се случил по поставувањето на Шекспировите „Хенри Шести“ и „Ричард Трети“ на фестивалот во Авињон. Амбициозниот проект траел 18 часа (24 со паузите), во неа всушност имало 3 претстави, 15 чина и 150 ликови. Таа ја потврдила неговата способност да комбинира комедија, трагедија и длабоки филозофски теми, обезбедувајќи му место во високите театарски кругови.
Неговата Википедија страница на англиски е скудна, но онаа на француски содржи интересни податоци, на пример тоа дека во текот на пандемијата Жоли ја играл „Ромео и Јулија“ на балконот од својот стан.
Во 2022 бил назначен за уметнички директор и на отворањето и на затворањето на Олимпијадата. Во претходни интервјуа тој најави дека сака церемониите да ги вклучат сите во име на различноста.