Во пресрет на „Фестивалот на јадење книги“

Кој е поголем фраер, Сервантес или Шекспир?

Оваа година се навршуваат четири века од смртта на двајца великани на светската литература - Шекспир и Сервантес. Се смета дека тие умреле токму нa ист ден, 23.04. И тоа не е единственото што ги поврзува.

На 22 април, еден ден пред „официјалниот“ датум на кој починале двајцата великани, во Пепер по шести пат ќе се случи „Фестивалот на јадење книги“ (фб настанот тука). Оваа година за главна тема го прогласивме Шекспир, и на тој начин му дадовме предност пред неговиот шпански колега. Но иако со големи разлики во нивните животни приказни и културниот контекст од кој потекнуваат, нив сепак ги поврзува огромното влијание кое го имаат извршено врз книжевноста. 

Тоа дека двајцата починале на ист ден би требало всушност да претрпи мала корекција. Во 1616 Шпанија веќе прекинала со користењето на грегоријанскиот календар, додека Англија сè уште одела според јулијанскиот, и „доцнела" 11 дена (Англија се држела до овој систем до 1752, а во моментот кога се случила промената на улиците имало протести, чие главно мото било „Вратете ни ги 11-те денови").

Сепак, коинциденцијата на датумите сигурно би им оставило впечаток на двајцата ерудити, татковци на модерната книжевност. Како што вели Салман Ружди во неговиот текст во Њу Стејтсмен (кој е всушност од предговор на неодамна излезената збирка раскази на повеќе автори „Лудаци, љубовници и поети: дванаесет приказни инспирирани од Сервантес и Шекспир“) не знаеме дали тие биле свесни за постоењето на другиот, но без оглед на тоа споделуваат голем број заеднички елементи, вклучително и мистериозноста. Ниту еден од нив не оставил личен материјал - писма, дневници, скици, туку само големи, комплетирани дела. Заради тоа, обајцата биле (и се) жртви на теории, кои варираат од „има нешто" до крајно идиотски, кои се обидуваат да го релативизираат или крајно да го негираат нивното авторство. 

Една од порадикалните теории е дека Френсис Бекон не само што ги напишал сите Шекспирови дела, туку го напишал и Дон Кихот. Сервантес се соочувал со вакви негирања дури и за време на животот, кога извесен Алонсо Фернандез де Авеланеда, чиј идентитет е исто така несигурен, објавил лажно продолжение на Дон Кихот, што го инспирирало Сервантес да ја напише вистинската втора книга, чии ликови се свесни за плагијаторот Авеланеда и него го презираат.

Една од заедничките карактеристики на Шекспир и Сервантес, кои речиси сигурно никогаш не се сретнале, е нивното убедување дека книжевното дело не мора да биде САМО комично, трагично, политичко, историско или романтично, туку дека може да биде повеќе нешта истовремено. Ова е особено очигледно кај Шекспир, кој ја трансцендира ригидната традиција на поделба на трагедија и комедија (како на пример во француската драматургија, Расин - трагедија и Молиер - комедија) за да ги помеша во едно дело.

Што се однесува пак до придонесот на Сервантес, Милан Кундера во еден негов есеј вели дека романот има двајца „основоположници“, Семјуел Ричардсон со „Клариса" и Лоренс Стерн со „Тристам Шенди". Па сепак овие енциклопедиски фикции го покажуваат влијанието на Сервантес. И тука патосот се меша со комичното, кулиминирајќи со моментот кога Витезот се судира со вистинскиот свет и сфаќа дека е старо лудо „кое бара овогодишни птици во минатогодишни гнезда".

Во нивните животи сепак има и разлики - Сервантес бил човек од акција, учествувал во битки, бил сериозно ранет, заробен во Алжир и пет години држен во заточеништво додека семејството не собрало пари за негов откуп. Шекспир немал такви лични драми, но како да бил позаинтересиран за раскажување воени приказни (Отело, Магбет, Лир), за разлика од Сервантес кој веројатно заради сопственото болно воено искуство пишува за војната не како за херојска, па дури ни како за трагична, туку како за апсурдна состојба.

И Шекспир и Сервантес придонеле за подигнување на нивото на јазикот и културата на коишто припаѓале. На неколку дена пред одбележувањето на 400-годишнината од нивната смрт со право се поставува прашањето - дали е фер прославата на Шекспир да ја засенува онаа на Сервантес? Со оглед на тоа што е речиси невозможно да се процени кој е поголемиот фраер, за таква проценка нема ни потреба. Само замислете го Хамлет како место череп јава коњ и храбро оди на ветерници.

18 април 2016 - 12:57