Кој е па тој Џорџ Клуни? - зошто поддршката од славни личности не ѝ помогна на Камала Харис

Кога Тејлор Свифт објави дека ќе ја поддржи Харис, изгледаше дека работата на Демократите е завршена. Цврц. 

Чарли екс-си-екс (не дека знаевме која е претходно) во јули постираше твит од три збора кои според бројни коментатори можеше да помогне во одредувањето на исходот на американските избори: Kamala is Brat. Ова „брет“ (детиште, некој што се однесува арогантно и непристојно) беше референца на тогаш најновиот, истоимен албум на Чарли, полн синт-поп, референци на дрога и приказни од животот на техно забави. Веројатно не беше најочигледната асоцијација на 59-годишната потпретседателка на САД, но генералната порака беше јасна: Камала е претседателскиот кандидат со највисока енергија и автентичност. 

Кампањата на Харис ја прифати поддршката, менувајќи ја позадината на официјалната Икс страница во истата зелена боја како и корицата на албумот. Така Харис доби аура на покул кандидат од нејзиниот претходник, Бајден. Па сепак, додека прашината слегнува на нешто што за поддржувачите на Камала изгледа како депресивен резултат, изгледа дека не само што твитот на Чарли немаше некакво големо влијание врз него, туку дека истото важи и за која и да е друга поддршка на славна личност. 

А не дека на списокот немаше звучни имиња. Најголемата поп-музичка ѕвезда во моментов, Тејлор Свифт, во септември напиша за Харис дека „се бори за права и вредности во кои верувам“ и се потпиша како „бездетна жена што сака мачки“ - асоцијација на коментарите упатени кон Харис од страна на ЏД Ванс, кандидатот за потпретседател на Трамп. Харисон Форд сними видео, во кое со сериозен лик ги предупреди гласачите од опасноста која би можел да ја претставува Трамп по демократијата. Во живо на еден од митинзите на Харис се појави дури и Бијонсе, која од сцената изјави дека е таму „како мајка која длабоко верува во свет во којшто ги контролираме нашите тела, свет во кој не сме поделени“. На списокот поддржувачи на Харис се запишаа и ЛеБрон Џејмс, Џорџ Клуни, Бурс Спрингстин, Опра, Еминем, Шварценегер.

И? 

Според коментаторите, ваквата поддршка не вроди со плод бидејќи дојде главно од славни личности кои им ја продаваа Камала на оние кои веќе ја имаа „купено“ - тоа се уметници чија публика веќе беше одлучена дека ќе гласа за Камала. Единствен исклучок беше Свифт чија популарност во светот на кантри музиката и попот значеше дека таа им се допаѓа на луѓе од обете страни на поделените САД. Сепак, нејзиното огромно влијание изгледа дека не досега до двете клучни демографски групи кои му помогнаа да победи овој пат - латино населението и црните мажи. 

Претходни истражувања имаат покажано (а и ова гласање изгледа ќе го потврди тоа) дека додека славните личности помагаат во зголемувањето на граѓанскиот ангажман и регистрацијата на гласачи, ова не значи дека има директно влијание врз тоа како луѓето ќе гласаат. Многу повеќе влијаат изборните одлуки на непосредното семејство (особено родителите), пријателите и личните вредности. Вебсајтот vote.gov добил 405.999 посетители во 24-те часа откако Свифт ја споделила својата поддршка. Но тоа не значи дека секој што се регистрирал гласал за Камала - едноставно бил поттикнат да учествува во процесот. 

Изгледа дека поддршката прави повеќе за самата славна личност отколку за човекот кој е поддржан. Историски гледано, такви случаи има многу. Поддршката на Френк Синатра на Џон Ф. Кенеди, на пример, многу повеќе му значела на самиот Синатра, бидејќи му овозможила да добие место на масата и да постигне уште повисоко ниво на популарност. 

Но од аспект на Републиканците, тоа што славна личност поддржува кандидат од спротивниот табор може да значи само дека таа нема врска со реалниот живот, па оттаму и нема поента некој да ја послуша. Изгледа дека на ѕвездите повеќе им се исплатува да се кандидираат себеси за политичка функција (па што биде-биде), отколку да се обидуваат да влијаат врз изборниот резултат. Ова веќе се има покажано како добра тактика, во случаите на Реган, Шварценегер и, секако, на Трамп. 

извор

6 ноември 2024 - 19:54