По Оскарите, Златната палма е најпрестижната филмска награда во бизнисот, но истовремено е многу потешко предвидлива. Со оглед на тоа што жирито, како и оваа година, се состои од актери и режисери, често се случуваат остри дебати при одлучувањето, па оттаму не е лесно човек да се обложи што може да се случи, и кој од 21-от филм може да ја добие Палмата. Еве неколку кои се сметаат за фаворити:
„Жената на Чајковски“
Рускиот режисер Кирил Серебреников деновиве е често споменуван во медиумите поради контроверзното финансирање на неговиот филм од страна на олигархoт Роман Абрамович, чија продуцентска куќа Кинопрајм финансира руски независни филмови. На прес-конференција во Кан, Серебреников бараше укинување на санкциите против Абрамович поради неговите заслуги на долгогодишен поддржувач на модерната руска кинематографија.
Филмот е меланхоличен поглед кон животот на првата жена на познатиот руски композитор, која доживеала нервен слом откако ја открила неговата хомосексуалност. Критиките велат дека ако воопшто добие некоја награда, овој филм повеќе ја заслужува онаа за сценарио.
„Триаголник на тагата“
Шведскиот режисер Рубен Остлунд ја доби Палмата за претходен филм, „Квадратот“, а сега учествува на фестивалот со уште една класна сатира. Станува збор за светот на модата и пар „инфлуенсери“, кои се двајца од неколкуте патници на брод на раб на катастрофа, со којшто управува капетан-марксист (го игра Вуди Харелсон). Ова е прв филм на англиски на Остлунд, преполн е со симболика и хаотична атмосфера, која сепак може да му донесе поени кај дел од жирито.
„Момчето од рајот“
Шведско-египетскиот режисер Тарик Салех прв пат е во Кан, со критички поглед кон корупцијата која владее во верските институции во Каиро. Приказната е за син на рибар од далечен град кој добива стипендија да учи во Каиро, но влегува во конспиративно сценарио во кое владин агент се обидува да го претвори во информатор и да влијае врз изборот на нов имам. Критичарите го споредуваат филмот со Гришам и Џон ле Каре, бидејќи тој користи софистицирана трилер естетика за да истражува сложени прашања.
„Светиот пајак“
Иранско-данскиот режисер Али Абаси се враќа во Кан по откачениот „Граница“ (Букбокс осврт тука) кој ја доби специјалната награда Un Certain Regard во 2018. Овој филм се однесува на вистинска приказна од Иран, за таканаречениот „пајак-убиец“ Саед Ханаи кој убил 16 проститутки во градот Машад во 2001 пред да го уапсат. Ханаи верувал дека има света мисија да го исчисти градот, а откако е фатен голем број локални екстремисти па и некои медиуми се согласиле со него.
Филмот ја истражува сагата преку очите на фиктивна новинарка која се обидува да ја дознае вистината соочувајќи се со индиферентност и дискриминација од страна на властите. Абаси го снимал филмот во Јордан за да го избегне цензорството во Иран.
„Одлука да се замине“
Корејскиот автор Парк Чан-вук ни е познат по неговиот насилен „Олдбој“. Овој пат на програмата е негов романтичен „ноар“, во кој главниот лик е детектив кој станува опседнат со вдовицата на човек кој умира под мистериозни околности во несреќа при планинарење. Резултатот е сензитивно дело од режисер кој вообичаено не е познат по овој квалитет.
„РМН“
Името на романскиот режисер Кристијан Мунгиу е познато во Кан, особено откако ја освои Златната палма за „4 месеци, 4 недели и 2 дена“. Најновиот филм е мрачен поглед во провинцискиот живот и структурите на моќ кои оневозможуваат главниот лик кој е вратен од печалба во Германија да си го најде местото во своето село во Трансилванија. Ксенофобијата на неговото претходно работно место иронично го очекува и дома.
„Тори и Локита“
Белгиското дуо Жан-Пјер и Лик Дарден е познато по својот социјален реализам кој до сега им има донесено две Златни Палми. Најновиот филм е за пар африкански имигранти кои се претставуваат како брат и сестра додека се обидуваат да ги добијат потребните документи за имиграција. Во меѓувреме Локита продава дрога и влегува во трилер приказна со многу насилство. До сега никој не добил Палма три пати, но можеби браќата ќе бидат исклучок.
„И-о“
На 84 години полскиот автор Јержи Сколимоски нема загубено филмска амбиција, а неговото најново дело е приказна без зборови за едно магаре кое минува од една во друга човечка рака. Филмот е опишан како медитација за животинската интелигенција среде човечката индиферентност.
„Злосторства на иднината“
Дејвид Кроненберг се враќа во Кан по „Мапа до ѕвездите“ од 2014. Сценариото е на самиот режисер и е старо две децении. Станува збор за двајца перформанс уметници (Виго Мортенсен и Леа Седу) кои отстрануваат вештачки органи на сцена како вид надреална изведба. Филмот ја истражува поврзаноста на технологијата и идентитетот на начин кој делува свежо и визионерски. 79-годишниот Кроненберг бил многу пати на Кан, дури бил и претседател на жирито во 1999, но за разлика од другите ветерани кои учествуваат оваа година, се уште нема добиено Палма. Можеби сега е времето?