Букбокс гледаше

„Граница“ (Шведска, 2018)

Клучот за разбирање на овој крајно необичен филм е токму во насловот. Тој ги замаглува жанровските граници, се одвива на вистинска државна граница, но испитува и други видови „сиви зони“ - оние помеѓу луѓето и животните, помеѓу доброто и злото.

Тина е царински службеник која по човечки стандарди е грда - изгледа како неандерталец, или како некој роден со хромозомско пореметување, што довело до видливи, и помалку видливи девијации.

Една од нив е што Тина има нагласено сетило за проценка на туѓите психолошки состојби и чувства. Буквално намирисувајќи го стравот кај оние кои минуваат покрај царинската контрола на малото пристаниште за фериботи, таа непогрешливо од толпата ги издвојува оние кои нешто кријат или се обидуваат да прошверцуваат. Оваа нејзина карактеристика им е од корист на властите, но приватно не ѝ носи ништо добро - целиот живот помеѓу луѓето го има поминато како „изрод“, а единствено место каде што се чувствува пријатно е среде шума, помеѓу лисиците и ирвасите, на дожд или пливајќи во блиските езера. Човекот со кого ја дели дрвената колиба ѝ е повеќе цимер отколку партнер, а само татко ѝ, сместен во старечки дом, ја знае вистинската приказна за потеклото на својата ќерка.

Таа приказна ќе почне да се одмотува кога преку царинската контрола ќе мине еднакво „деформиран“ човек по име Воре, кој ќе ѝ го „прегори“ системот за проценка на Тина, и во неа ќе го разбуди анималното. Но она што најпрвин делува како праволиниска љубовно-еротска приказна помеѓу двајца подеднакво неприлагодени (со веројатно една од најчудните секс сцени во историјата на филмот), се комплицира кога ќе се дознаат вистинските мотиви на Воре, кој своите нагласени способности нема намера да ги стави во полза на луѓето за да ги направи подобри, туку за да ги уништи.

Откривањето на што и да е повеќе од до сега кажаното би го расипало гледањето на филмот. Режисерот со иранско потекло Али Абаси, врз основа на расказ на „скандинавскиот Стивен Кинг“, Џон Ајвиде Линдквист, се обидува да го открие она што го прави човекот-човек. „Ако ги разгледуваме луѓето како автомобили или како машини, кои делови не би можел да ги извадиш од нив за тие се уште да бидат дефинирани како такви?“, вели тој во едно од интервјуата. Но не само на ниво на колектив, туку и на поединец, што е она што го сочинува нашиот идентитет, што прави да се чувствуваме дека сме отфрлени од заедницата, или дека, напротив, ѝ припаѓаме?

Одговорите на Абаси воопшто не се едноставни. Меѓу оние кои изгледаат како успешно „прилагодени“ има крајно перверзни и извитоперени ликови. И обратно, физички најизопачениот лик може да се однесува најемпатично и најчовечки. Границите помеѓу машкото и женското, „цивилизираното“ и „примитивното“, природното и културното, се толку флуидни што лесно можеме да донесеме погрешен суд. За подобро разбирање на човековата природа ни треба нешто од дарбата на Тина - сетило за проценка на туѓите чувства, но и на сопствените.

Фото горе - двајцата главни актери, без маски

27 јули 2019 - 11:28