Кога се во прашање книгите сепак не сакаме да ви пренесеме ваков список само затоа што го направил еден Гардијан или Њујорк Тајмс. Ајде низ насловите на книгите кои се појавија минатата година да видиме дали во сето тоа има некаков тренд, кој можеби ќе продолжи и во 2016.
Во 2015 се случи најмалку еден книжевен преседан - Нобелова во оваа категорија прв пат доби новинарка, за „Гласовите од Чернобил“, книга којашто е базирана на интервјуа со преживеани од катастрофата, а која повеќе личи на етнографија или „усна историја" отколку на асли книжевност. Ваквото играње со жанровите заради кое библиотекарите и книжарите изгледат ќе мораат да размислуваат за нови начини на категоризација, се одличен знак, дека авторите, публиката и „стручната јавност" не само што не е конзервативно настроена кон ваквиот хибриден пристап, туку дека и го наградуваат со највисоки признанија. Така и претходни изданија, кои до сега можеби биле маргинализирани заради нивната концептуална нејасност, одеднаш може да изникнат во ново светло.
Вакви „хибриди" имаше повеќе. Четвртата од шест планирани книги на Карл Уве Кнаусгорд, „Мојата борба" е всушност автобиографија-роман на 3,600 страници, којшто во недостаток на друга референца го споредуваат со „Во потрага по загубеното време“ на Пруст (само без мадлената, и многу помрачен). Во областа на тн. „историска биографија" исто така се случи преседан. Рут Скур во книгата „Џон Обри: мојот сопствен живот“, посветена на 17-вековниот филозоф и еден од првите британски археолози, всушност ги преточи неговите оригинални дела во лажен дневник, кој ни дава чувство за неговиот реален живот.
Покрај ваквиот „методолошки" тренд, постои и еден тематски - влијанијата на вештачката интелигенција и на автоматизацијата, не само врз економската позиција на човекот, туку и воопшто врз неговата природа. Долго време на бестселер листите помина „Подемот на роботите: технологијата и заканата на иднината без работни места" на Мартин Форд, која доби и награда за Бизнис книга на годината. Таа зборува за свет во кој е можно компании со огромни профити, како Фејсбук или Јутјуб, да имаат многу мал број вработени, и во кој, доколку фундаментално не го реструктурираме начинот на кои функционираат нашите економии, веќе нема да има потреба од возачи на камиони или учителки. На граница меѓу проценка и паника, оваа книга е само еден од насловите со сличен песимистичен тон, којшто го среќаваме и на други места низ популарната култура - серии и филмови кои си играат со идејата за крајно автоматизираната иднина, која преку нив делува застрашувачки.
Од поединечните книжевни настани на годината бевме сведоци на излегувањето на новите романи на Уелбек, Кундера, Франзен и на Ружди, и на неколку нови (авто)биографии на славни музичари (Род Стујард, Том Џонс), писатели (Набоков, Брехт), политичари (Маргарет Тачер, Кисинџер) или бизнисмени (Елон Маск). Се збогувавме со Тери Прачет, Гинтер Грас, Томас Транстромер и Е.Л. Доктороу, а „пронајдовме" нов роман на Харпер Ли. Некаде по пат можеби излезе и нов дел од „50 нијанси сиво“, ама за тоа не сме баш сигурни.
Сепак, најинтересниот избор засега го има направено Њусвик, кој ги реди книгите на овој начин:
„Најдобар роман од некој кој нема 30 и нешто години и кој не е бел маж кој носи наочари и пишува метафиктивен роман за бел маж кој има 30 и нешто и пишува роман додека живее во Бруклин и носи наочари"
(за The Sellout од Пол Бити)
или
„Дебитанска книга со најмногу муда"
(за „И ти може да имаш тело како моето" од Александра Клеман)
или
„Најсигурниот знак дека ни се спрема апокалипса"
(за поезијата на Доналд Трамп, види тука)
Од сите книги кои ги прочитавме, прелиставме или нервозно затворивме изминатата година, се радуваме на една која ќе излезе деновиве - збирка колумни од Бавчите на офф.нет. Како илустрација на она што го зборувавме погоре за проблемите на жанровското прелевање, авторите застапени во книгата се очигледно толку шарени што таа во НУБ е категоризирана во жанрот - „субкултури":)