Сите лица на сатирата

Доналд Трамп да ти бил поет

Тролањето на претседателските кандидати во САД, традиционално креативно, добива нови димензии со ликот и делото на Трамп. Најново - книга песни составени од негови интервјуа, говори и твитови.

„Бард на дилот: поезијата на Доналд Трамп" е втора книга од овој жанр на новинарот Харт Сиили, чии сатирични текстови до сега се објавувани во Њујоркер, ЛА Тајмс и Слејт. Претходната, „Парчиња интелигенција", се однесуваше на егзистенцијалистичката поезија на Доналд Рамсфелд.

Авторот собрал тридецениски материјал, и од него направил поетска збирка, која во книжарниците ќе се појави на 15 декември.

„Од 1980-тите, Трамп ги конструира стиховите како и неговите казина, користејќи ги само најквалитетните зборови и фрази, без оглед на трошокот", изјавуваат од издавачот ХарперКолинс, кој е дел од новинската корпорација на Руперт Мурдок. „До сега неговата поезија минуваше незабележано (единственото нешто што минува така кога е во прашање Трамп). Вообичаено Доналд зборува, твита и ги извикува неговите стихови без непотребните ограничувања на политичката коректност и на граматиката...затоа што помеѓу поетите од светска класа не мора да има граматика, само вистина".

„Брилијантноста" на поетското перо на Трамп се чувствува насекаде низ збирката. Како на пример во овие стихови:

1.
Најлошо купче срање
архитектура
што сум го видел.

2.
Терористите победуваат.
Толку е лошо.

или

ЗЛОБНИТЕ

Остро сум напаѓан
од оние жени.
Секако, тешко им е
да ме напаѓаат за изгледот.
Затоа што сум толку згоден.
Но бев остро напаѓан
од оние жени

(9 август 2015, NBC)

Aвторот на книгата вели дека му биле потребни шест недели да прегледа стотици транскрипти од политичарот кого го опишува како забавен затоа што „тој само застанува на сцена и кажува што и да му падне на памет, а никој во политиката не го прави тоа".

И ова не е единствениот уметнички проект инспириран од Трамп. Нему му се посветуваат куп дела и инсталации, чија намера е визуелно да го хејтаат. Едно од нив е на холандскиот дизајнер Мајке ван Шијндел, фотошопирана слика-спој на ликот на Доналд Трамп и нужници во облик на уста од хостел во Париз. „Трамп арт" е веќе посебен жанр, кој го комбинира ликот на идниот потенцијален претседател со купчиња измет околу кои летаат муви, или графити кои ве повикуваат да го силувате (реакција на негови изјави на оваа тема). Има и сајт, Paint With Donald Trump, на којшто можете да си играте со неговото лице. Нам сепак на душа повеќе ни лежи поезијата. 

Нема потреба да се спомнува
Претседателот имаше право
Што и да кажа.

3 декември 2015 - 09:12