Навредливиот гест потекнува уште од древна Грција и се појавува во комедиите на Аристофан. Првобитно означувал порака до „примачот“ да „бутне прст во птичји анус“ а не да го активира сопствениот. Но актуелната употреба во западниот свет, која најверојатно се должи на Италијанците и нивната дијаспора во САД, станала тренд во доцниот 19 век. Оттогаш често се појавува во одлучувачки историски моменти: кога гувернерот на Калифорнија, Роналд Реган им го покажа на оние кои протестираа против него на Универзитетот Беркли, кога Џони Кеш, Курт Кобејн или Запа му го понудија на естаблишментот, Жижек на капитализмот, а Амди Бајрам на светот.
Во судските процеси за навреда со покажан среден прст, за чинот да има поголема тежина, постои дури и латински термин за него - digitus impudicus. Истиот го има како емоџи на повеќето телефони и веројатно се користи како заокружување на муабет кој никогаш нема да продолжи. Често се фотошопира на историски фотографии, а се појави и во видео во кое Варуфакис наводно им го покажува на Германците (подоцна сатиричарот кој го монтирал се извини за истото).
Но без оглед на контекстот, прстот, како што коментира Melmagazine си остана „бастион на незрелоста“, одбивајќи да се згрчи во несомнено симболички помоќната тупаница. На ниво на навреда која се разменува во школски дворови (во основно), таа сепак има и практичен аспект - тоа што е лесно изводлива и широко разбирлива.
Па сепак, нејзиното преведување на говорен јазик не е така едноставно. „Одјеби“, „Да ти го...“, пораките можат да варираат во степен на гнев и лутина, па и да бидат шегобијни сигнали упатени кон другари што те тролаат. Но примената на гестот во разни култури сепак извира од анатомијата - да имаче човечкиот скелет четири прсти ќе мораше да развие уште еден, во корист на мрзливиот бунт кон глупите луѓе и неправдите кои нè опкружуваат.