Запотек е домородно население кое живее на југозападните и централни висорамнини на Мексико. Според последните пописни податоци запотечките јазици (a ги има околу педесетина) ги зборуваат 425.000 говорители. Најчеста причина за смртност во овие заедници е рак на грлото на матката - од него умираат 5000 жени годишно.
Во запотечкиот јазик има само еден збор за женските делови од телото - нема посебни изрази за јајници, матка, канали. Женските интимни делови не се именуваат затоа што се сметаат за табу. Недостатокот од зборови често е пречка за објаснување на нивните симптоми и резултира со погрешна медицинска дијагноза.
Еден хигиенски бренд во 2015 собира социолози, доктори и лингвисти кои заедно со селските жени смислуваат варијанти за зборовите кои недостасуваат. Грло на матката така станува „врата од куќата на бебето“, матка - „куќата на бебето“, јајце клетка - „женска семка“, јајници - „место каде се раѓа женското семе“ итн.
Сите овие изрази со илустрации се објавени во книга „Интимни зборови“, како образовна алатка, но и како превенција за гинеколошки болести. Затоа што кога нешто има име (описно, без да се наруши табуто), тоа не е толку срамно, и полесно е препознатливо. Алал.