Периодот од 1961-1980 во Полска не бил лесен за поетите и воопшто за уметниците. „Да не заборавиме колку мрачни беа тие денови. Ни беше кажувано дека секој од нас ќе се здобие со бескрајна среќа доколку се претопи со безимените маси. Во реалноста сите копнеевме да бидеме различни, да се издвоиме од толпата. Но немаше многу избор. Најдобрата опција беше да се објави нешто под свое име“, изјавила Вислава Шимборска токму за периодот кога пишувала некој вид „Драга Савета“ колумна во познатото полско списание „Книжевен живот“, додуша не под свое име.
Принципот бил следен - читателите упатувале свои прашања во врска со процесот на пишување и креативноста воопшто, или пак испраќале свои дела на увид, по што Шимборска им одговарала, понекогаш многу љубезно и коректно, но најчесто прилично саркастично и крајно смешно. Една од највпечатливите тенденции е да им се укаже на идните поети дека поезијата има и своја „прозаична“ страна, дека не мора и не треба да биде високопарна и свечена, туку дека треба да се занимава со секојдневните и мали нешта кои го мачат човекот. „Ајде да ги симнеме крилјата и да се обидеме да пишуваме стоејќи на нозе, може?“, е еден од нејзините совети.
Еве уште неколку:
До некој под псевдоним „Барачот“ од Кудова:
Не, немаме водичи за пишување романи. Слушаме дека такви нешта постојат во Америка, но се сомневаме во нивната вредност поради една едноставна причина: Нели некој автор кој поседува проверен рецепт за книжевен успех повеќе би сакал да си профитира од него самиот отколку да пишува водичи. Така? Така.
До П.З.Д. од Хорзов:
„Ве молам дајте ми надеж дека некогаш ќе бидам објавен или барем некаква утеха“.
Откако ги прочитавме вашите текстови мораме да го одбереме второто. Внимание - даваме утеха. Ве очекува прекрасна судбина, судбина на читател, и тоа на читател од највисок калибар, што значи - к’смет на вљубеник во литературата, кој секогаш ќе ѝ биде верен придружник во походот, но нема да биде и самиот освојувач. Ќе читате поради задоволството од читање. Без да ги забележувате „триковите“, без да се прашувате дали овој или оној пасус би можел да биде напишан подобор, или исто толку добро, но различно. Без љубомора, без отфрлање, без напади на жолчка, ниту едно од чувствата кои се јавуваат кај читателот кој истовремено и пишува.
За вас Данте секогаш ќе биде Данте, без оглед на тоа дали имал или немал роднини во издавачкиот бизнис. Нема да бидете измачувани ноќе од прашањето зошто Х, кој пишува слободни стихови, е објавуван, а вие, кои сте опседнати со римата додека броите слогови на прстите од двете раце, не сте заслужиле ни да ве одбијат ко човек. Тука има и една патемна но голема предност: луѓето зборуваат за некомпетентни писатели, но никогаш за некомпетентни читатели. Секако има и орди на неуспешни читатели, но тие некако се протнуваат, додека секој кој пишува без успех веднаш ќе биде обиколен со трепкања и воздишки. Тогаш човек не може да се потпре ни на најблиските.
Па како се чувствувате сега? Како крал? Навистина се надевам дека е така.
До М-Л од Варшава:
Не предвидуваме неделна колумна од текстови на есперанто: тоа е вештачки јазик без варијанти или дијалекти. Никој не мисли на есперанто, не го користи во секојдневниот живот, и не веруваме дека ќе произведе дела со трајни вредности. Ви аплаудираме за сонот за заеднички човечки говор, но се надеваме дека тој ќе се појави преку мирна (ако даде Бог!) еволуција на сите јазици. Сепак, не веруваме дека еден универзален јазик би го надминал секое идно војување. Историјата и личното искуство кажуваат поинаку. Еве еден едноставен пример: Г-дин А. само што го тресна со тупаница г-дин Б пред нашиот прозорец, иако обајцата зборуваат полски.