„Од сите мои дела, најголемо задоволство ми причинува Домот којшто го изградив во Милано, каде можат да се сместат возрасни пејачи на кои среќата не им била наклонета, или кои додека биле млади немале навика да штедат. Сиромашните и милите придружници на мојот живот!“
Вака напишал Џузепе Верди, кој среќата ја имал содржано и во своето име, кое целосно му гласело - Џузепе Фортунино (Среќко) Франческо Верди. Не бил од аристократско семејство, но со помош на локален мецена да добие добро музичко образование и по Росини, Доницети и Белини да почне да доминира со престижната оперска сцена.
Покрај композиторската работа, тој бил и нешто што денес би го нарекле „активист“. Во раните опери покажувал симпатии кон движењето за обедување на Италија, а некое време бил и член на провинциски совет, односно избран политичар. Сепак, се смета дека бил прилично затворен, ги сметал своите биографи, новинарите па дури и соседите за натрапници во неговиот приватен живот. Бил антицрковно настроен, но при крајот на животот донирал средства за изградба на капела.
Сепак, еден друг објект му бил најважен - во 1889 купил големо парче земја надвор од Милано каде планирал да изгради „Дом за одмор“ за пензионирани музичари. Јавно ја обзнанил својата идеја во интервју за Газета музикале ди Милано во 1891. Изградбата започнала неколку години подоцна, со тоа што Верди и неговата жена, Џузепина Стрепони, постојано се среќавале со архитектот, Камило Боито, и рамноправно учествувале во планирањето на проектот. Речиси десет години пред смртта, Верди со тестамент ги доделил идните приходи од своите опери на Фондација задолжена за раководење на домот. Изградбата била комплетирана во 1899, но според негова желба првите жители се вселиле по неговата смрт, во 1904.
Домот е активен и денес, а со оглед на тоа што се работи за некогашни музичари, ним им е овозможено да продолжат да свират, индивидуално или во бендови. Иако по смртта на Верди тој бил најпрвин закопан на гробиштата на заслужните во Милано, неговите остатоци подоцна се префрлени во Домот, којшто тој го сметал за свое животно постигнување.