Психолозите долго време сметале дека чувството на глад и емоциите се различни работи - дека гладот е физичка состојба од множеството основни нагони, физиолошки и невролошки различни од чувствата. Но се повеќе научни докази сугерираат дека физичките состојби ги моделираат не само емоциите, туку и когницијата, и тоа на зачудувачки начини.
Кога сме гладни телото ни пумпа куп хормони, вклучително кортизол и адреналин, често асоцирани со стрес. Резултатот е тоа што гладот, особено ако е поинтензивен, може да резултира со непријатно чувство и импулсивност (знаеме некои такви кога се гладни). Но дали истата состојба може да ги промени и чувствата и светогледот на луѓето, барем додека трае нивната глад?
Во психологијата ова е веќе познато како „теорија на афектот како информација“, која вели дека расположението може привремено да го моделира начинот на кој го гледаме светот. Така, кога сме гладни, може да ги перцепираме нештата понегативно отколку кога сме сити. Но тука има и финта - најчесто сме раководени од чувства кога на нив не им обрнуваме многу внимание. Така, стануваме „згладни“ кога не сме активно фокусирани на она што чувствуваме, туку на она што се случува во моментот околу нас, колку и да е тоа банално.
За да се испита дали гладните полесно се иритираат во негативни ситуации, дизајнирани се три студии. Во првата спроведена онлајн со возрасни Американци, на гладни и на сити луѓе им се дадени слики со позитивни и негативни емоционални пораки. Потоа им бил прикажуван неодреден кинески знак за кој требало да кажат дали тој според нив означува нешто пријатно или непријатно. Гладните, по гледањето на негативната слика, го толкувале кинескиот знак како симбол на нешто лошо. Но резултатите на гладните кои го толкувале знакот откако ќе им биле прикажани позитивни или неутрални слики не се разликувале од оние на останатите.
Ова сугерира дека „згладната“ наклонетост кон негативна перцепција станува релевантна само кога гладните се соочуваат со негативен стимул или ситуации. Тие тогаш ги користат нивните чувства како информација за светот околу нив само кога тие чувства се вклопуваат во контекстот во кој се наоѓаат. Тоа значи дека гладот станува релевантен во негативни ситуации затоа што самиот произведува непријатни чувства - така лесно се запаѓа во заблуда дека причината за овие чувства се негативните нешта околу нас, а не гладот, за кој можеби не сме свесни.
Во втората студија две случајни групи студенти требало пред тестот или пет часа да не јадат, или непосредно претходно да ручаат. Потоа им била дадена задача да направат есеј во кој би се концентрирале на своите чувства или тотално би избегнале да ги спомнат. На крајот на задачата компјутерите се тајно програмирани да „паднат“. Истражувачот го обвинува учесникот за истото и им вели дека ќе мора да повторат се откако компјутерот ќе се поправи. Погодувате - гладните кои не се концентрирале на чувствата во есејот реагирале поагресивно во однос на целата ситуација во споредба со ситите, кои пишувале „емотивен“ есеј.
Чарето да не се дојде во оваа ситуација е навидум едноставно - обрнување внимание на сопствената глад, планирање однапред, за човек да не дозволи да дојде во ситуација ем да прегладни ем да се скара со сите околу себе без видлива причина. Најважна е значи свесноста, за гладноста, и за згладноста.
* првата верзија на преводот беше „глоден“ (гладен до степен на глодање на себеси), но по предлог на читател е променет во „згладен“ (збеснат+гладен)