Според збирката текстови „Руските писатели за преводот“, објавена од Рутлиџ во 2014, во периодот од 1917-1948, на руски и на други јазици кои се зборувале во СССР биле преведени 206 американски автори. Општо земено, 2,245 американски книжевни дела биле објавени во збирен тираж од над 39 милиони (!) копии. Помеѓу нив воделе оние на Џек Лондон, кои биле отпечатени во над 11 милиони примероци на дури 29 јазици кои ги зборувале различните заедници во СССР. За споредба, делата на Марк Твен биле објавени во околу 3,5 милиони пирмероци, на 22 јазици од СССР.
Од што произлегува ваквата популарност на Лондон? Toj во Сан Франциско бил член на радикална книжевна дружина „Толпата“ и страствен поддржувач на синдикатите, работничките права, социјализмот. Додуша во неговите дела има и чести расистички коментари, на пример кон имигрантите од Азија кои ги нарекувал „жолта опасност“. Ова е тема и на негов научно-фантастичен расказ напишан во 1910 под наслов „Невидена инвазија“, во кој Кина поради големиот наталитет ги колонизира своите соседи со намера да ја преземе целата планета.
Но неговото име во Советскиот Сојуз станало славно пред се поради неговата приврзаност кон социјалистичката кауза. Таа не била теоретска или интелектуална, туку произлезена од сопственото животно искуство, што додавало на автентичноста и убедливоста. Лондон бил и бездомник, и морнар, и физички работник, и знаел што зборува кога ги опишувал маките на обичниот човек.
Неговите дела во поранешниот СССР биле и екранизирани. Таков е „Според законот“, нем филм од 1926, по сценарио на рускиот писател-формалист Виктор Шкловски и во режија на славниот режисер Лев Кулешов. Филмот кој трае повеќе од еден час (целиот тука, препорака: исклучете ја музиката), бил направен според расказот „Неочекуваното“ на Лондон, кој се одвива во ледената пустина на Аљаска, каде неколкумина трагачи по злато се „социјално изолирани“ од светот, а меѓусебно споени преку грозоморно убиство. Снимањето се одвивало во Московска област, на брегот на реката Москва која требала да ја „глуми“ територијата на Јукон. Тука била изградена барака која во текот на снимањето требало да биде поплавена, актерите биле до колена во вода и често доживувале електрични шокови поради слабата изолација на жиците.
Помеѓу филмот и расказот (целиот тука) има повеќе разлики, кои главно се должат на минималниот буџет со кој располагале филмаџиите. Но генералната порака е иста - дека и покрај тоа што таканаречената цивлизација се базира на колективен договор за тоа што е добро а што не, што е морално исправно а што „грешно“, на крај правдата може сепак да биде спроведена врз основа на мислење на поединци, кои се истовремено и обвинители и судии. Во расказот на Лондон сведоци на ваквите постапки на белите луѓе се неколкумина Индијанци, кои наспроти обвинувањата кон него за расизам, барем во овој расказ се претставени како во тишина да се чудат на начинот на кој функционираат белците.
За големата популарност на Џек Лондон во Русија сведочи и името на езеро во Јагодинската област, наречено според авторот во 1932, по желба на Јури Билибин, раководител на првата геолошка експедиција во далечните северо-источни предели на Русија.