Кога Набоков си ги запишувал соништата за да види дали тие ја предвидуваат иднината

При крајот на 2017 од печат излезе „Инсомнични сништа: експерименти со времето“, резултат на обидот на славниот писател да си ги запише и протолкува соништата и да ја тестира својата теорија дека времето може да тече и наназад.

На 14 октомври 1964, додека живеел во хотел во Монтре, Владимир Набоков, кого долги години го мачело несоница, започнал необичен експеримент. Следејќи ги инструкциите од делото на британскиот филозоф Џон Дан, „Експеримент со времето“ (1927), тој во тек на осумдесет денови го запишувал сето она што ќе му дошло на сон во тек на кратките периоди кога навистина спиел. Резултатот кој беше објавен за прв пат на крајот на минатата година, е фасцинантен дневник во кој Набоков забележал 64 соништа (и последователни епизоди во текот на јавето истиот ден), на 118 картички. Тие, освен што нудат увид во најприватните мисли и чувства на авторот, се и одраз на неговата опседнатост со мистеријата на времето, која повлијаела врз голем број негови романи. Издавачот, Принстон јуниверзити прес, ја продаваше книгата во комплет со маска за спиење. 

Вакви белешки паралелно водела и жена му, и тие потоа си ги споредувале и дискутирале за сонуваното, и тоа секое утро откако ќе се разбуделе. Она што најмногу ги интересирало било дали нешто што го виделе во сонот навистина ќе се случи во наредните денови, односно дали соништата ја предвидуваат иднината, но не во смисла на пророштво.

„Настанот од јавето кое е слично или идентично со настанот во сонот не е такво затоа што второто е пророштво“, пишува Набоков на првата картичка, „туку затоа што тоа е таков вид сон кој се очекува да се има после настанот“. Со други зборови, тој тврдел дека сонот може да биде „реверзибилна меморија“, ониричко враќање во иднината. Или како што вели нараторот во романот на Набоков, „Ада“, објавен една година откако тој ги водел дневниците, „некој логички закон треба да го фиксира бројот на коинциденции во одреден домен, по што тие престануваат да бидат коинциденции, туку прераснуваат во живи организми на нови вистини“.

30 јуни 2018 - 20:11