„Mладите креваат џева, ама не гласаат“ е стереотипното тврдење. Ама барем во американската политика не било секогаш така. Што може и ние да научиме од овие историски лекции?
Таканаречената „милениумска генерација", Американците кои беа тинејџери околу 2000-та, се најголемите приврзаници на Берни Сандерс, кој на неговите митинзи собира неспоредливо поголем број млади од кој и да е друг кандидат, од која и да е партија. Овие луѓе се растени во рецесија, биле сведоци како нивните родители се мачат да врзат крај со крај, самите имаат големи долгови од студирањето и се чувствуваат несигурни во врска со тоа дали ќе најдат работа и дали ќе можат да си дозволат свој дом. Затоа идеите на Сандерс им се блиски, и тие често се во првите редови на неговите митинзи.
Па сепак, и покрај целата ука-бука не е јасно дали тие на денот на изборите навистина ќе излезат да гласаат. Ако се спореди со кампањата на Обама од 2008, и покрај големата поддршка која и тој ја уживаше кај овој дел од населението, на крај само една четвртина од електоратот кој гласаше за него се состоеше од млади луѓе.
Тоа дека „младите не гласаат", односно дека се непредвидливо и оттаму небитно гласачко тело, е американско (и не само американско) клише. Но нова книга Џон Гринспан, историчар во музејот Смитсонијан, „Девственото гласање: како младите Американци во 19 век направија демократијата да биде социјална, политиката лична и гласањето популарно" покажува дека младите, во периодот од 1830 до 1900 не само што гласале, туку учествувале во протести, држеле говори и биле прилично жилав двигател на јавниот живот. Политичарите регрутирале „топла, свежа крв", барајќи нови гласови, како и млади со тепачки вештини (за ситуации во кои протестите вклучувале физички пресметки). Тоа биле времиња кога младите биле најпосакуваната демографска категорија во политиката.
Една „институција" претставувала посебен мотив за гласачите - тн. „девствено гласање", односно моментот кога младите момчиња или девојки требало прв пат да го искористат своето демократско право. Тоа било важен настан, нешто како матура или одење во војска, кога тие покажувале дека влегуваат во светот на возрасните. Секој на возраст од 21 година кој прв пат ќе се појавел на гласачкото место откако ќе гласал „викал и се веселел", со тоа сигнализирајќи им на присутните дека конечно од момче преминал во маж, односно од девојка во жена.
Од „хипстерчиња" од Менхетен, до рудари од Аризона, младите ја придвижувале американската политика, со појавност на изборите од над 80%. Дури и најтивките претседателски избори од 1852 привлекле многу повеќе гласачи од изборите во 2008, кои се најголемите во поновата американска историја. Хумористот Дон Пиат го припишал ова на комбинација на „сиот фанатизам на религијата и сета фасцинантност на коцкањето".
Кампањите биле момент за дружење и младешки љубови. Се правеле скари, се палеле огнови, се пеело и се пиело. Традиционални смерници за нивната зрелост или немало или тие биле на залез, а заради економската несигурност младите менувале работни места, се селеле назад кај нивните родители и го одложувале стапувањето во брак - слично како и денешните „милениумци". Токму заради тоа политиката претставувала извор на идентитет и стабилност - младите мажи се придружувале на политички клубови и вежбале ораторство за да ги импресионираат девојките и возрасните, поранешни робови се придружувале на тајни организации, а имигрантите формирале свои „клетки".
Но во 1900 нешто тргнало наопаку. Појавноста на овие гласачи до 1924 опаднала на 49%, а престанало регрутирањето на нови. Со стабилниот образовен систем и подобрите економски услови, младите почнале да отапуваат за политика. Истовремено елитистите-политичари ја напуштиле работничката класа, правејќи коктели наместо јавно печење скара.
Младинската политика оттогаш се нема опоравено. И покрај тоа што во 1971 возраста за гласање е спуштена на 18, повиците за граѓанска должност не одѕвонувале во интимните животи на младите. Како ова да се промени? Еден од советите на авторот на спомнатата книга е фокусот да се стави на одржливост а не на некаква „револуционерност". Ако младите се посветат само на кампањи кои ветуваат некаква голема промена, тогаш нивната посветеност ќе опаѓа после секоја трка, особено доколку ја загубат.
„Девствените" гласачи на 19 век повеќе се интересирале за нивното учество отколку за личноста на кандидатот, а нивното однесување на тие години потоа ги формирало доживотно како личности. Дневниците и писмата со кои се служел Гринспан како историски извори покажуваат дека за овие луѓе политиката била лична работа, за нив ова било нивно учество во судбината на земјата помешано со забава. Ваквиот спој на политичката и младинската култура е повеќе од потребeн, во демократија киднапирана од „бејби бум" генерацијата, чии приоритети се поинакви. За тоа е потребна нивна политичка социјализација - ако можеле младите да бидат најсилната гласачка алка во 19 век, тие тоа го можат уште повеќе во 21-иот.
Во наш контекст предлагаме - првото одење на гласање (на, нели, фер и демократски избори, со прочистен гласачки список итн.) да стане обреден момент во животот на секој млад човек, и да се вика нешто како „првоглас". Пицнат, со трубачи кои го чекаат пред гласачкото место, со софра и гости, со сите салтанати. Па ако не си гласал - нема журка. Одма друго.