„Лаокон и неговите синови“ е меѓу најпознатите древни скулпторски дела. Датира од периодот помеѓу првиот век п.н.е. и првиот век од нашата ера, и го прикажува истоимениот тројански свештеник во агонија, додека се бори со змии кои ќе убијат еден или двајца од неговите синови. Деталите на приказната варираат во зависност од раскажувачот: Вергилиј го опишува Лаокон како свештеник на Посејдон кој се обидел да ги предупреди жителите на Троја дека дрвениот коњ - подарок од Грците - е измама, велејќи им да го запалат. Атина за казна му испратила две огромни морски змии да го убијат, него и неговите два сина. Софокле го опишува како свештеник на Аполон, кој го прекршил својот завет за целибат.
Без оглед на тоа која од овие приказни ги имал слушнато, авторот на скулптурата очигледно нашол доволно инспирација во неа за да изработи скулпторско ремек-дело. За тоа кој е тој точно и денес се дискутира но најверојатно станува збор за група од тројца скулптори од островот Родос.
Делото е пронајдено во Италија среде лозје во 1506. Не изгледало толку оштетено колку што би се очекувало за нешто закопано милениум и половина. Сепак, на Лаокон му фалела рака. Под покровителство на папата Јулие Втори, ватиканскиот архитект Донато Браманте организирал конкурс за тоа кој ќе понуди најдобро решение за нејзина реставрација. Еден од пријавените бил Микаланџело Буанороти, кој предложил раката да биде свиткана наназад, како тројанскиот свештеник да се обидува да ја тргне змијата од својот грб. Негов најголем конкурент за задачата бил Рафаел, далечен роднина на Браманте, кој повеќе сакал раката да е испружена. На крај победник бил некој сосема трет - Јакопо Сансовино, кој понудил слична верзија како и онаа на Рафаел, крената рака како држи змија.
По чудна игра на судбината во 1906 е пронајдена рака која е свиткана наназад, неколку метри од местото кадешто лежела групната статуа четиристотини години порано. Позиционирана точно како што предложил Микеланџело, излегло дека раката навистина припаѓа на скулптурата, информација која за жал доцнела три и пол векови.