Според древниот историчар Суетониус, римскиот император познат како Калигула (вистинското име му било Гај Цезар Германикус, а „калигула“ значи мала војничка чизма) бил прогласен за римски цар на само 24 години. На почетокот бил популарен владетел - ги ослободил луѓето кои неправично биле затворени од неговите претходници и укинал некаков страшен данок. Но по шест месеци владеење, се разболел, психички. Станал параноичен, почнал раскалашно да живее и да фрла луѓе од публиката како храна на лавовите во колосеумот. Помеѓу разните ексцентричности, една сепак се истакнувала: толку многу сакал еден од своите коњи, што му направил мермерна штала, јасли од слонова коска, узди од скапоцени камења, го покривал со пурпурно ќебе (боја на благородништвото), а му изградил и посебна куќа. Според хроничари кои додуша пишувале за Калигула многу по неговата смрт, слугите го хранеле животното со жито помешано со златни ливчиња.
Инцитатус - така се викал коњот - живеел навистина боговски. Но неговото си-ви наскоро требало да се збогати со уште еден детал - да стане конзул. Без оглед дали ова било дел од наводното лудило на Калигула или смислен потсмев кон државните органи, Инцитатус од тогаш наваму станал алегориска фигура која ја симболизира неспособноста на највисоките политички функционери од сите бои и времиња.
Но токму оваа сатира можеби го коштала царот живот - по неколку пропаднати заговори против него, Калигула е убиен, со знаење на Сенатот (односно на истите оние конзули кои ги исмевал). Ситуацијата ексалирала кога царот пред нив најавил дека планира да се пресели во Египет каде се надевал дека ќе биде обожуван како жив бог. Ова значело дека царството ќе остане без владетел и може да западне во уште поголем хаос. Убиен е од група заговорници, со 30 убоди со нож. Не е позната понатамошната судбина на неговиот коњ, кој не станал политичар, но затоа за време на животот, неговиот господар успеал да го прогласи ако ништо друго за - свештеник.