Во 1950, три месеци откако Џозеф МекКарти, американскиот сенатор од Висконсин, предупредил дека постојат „внатрешни непријатели“ во неговиот познат говор одржан во Вилинг, Западна Вирџинија, жителите на Мосин одлучиле на светот да му укажат на вистинскиот хорор на комунизмот - со организирање лажно комунистичко преземање на нивниот град. Настанот вклучувал костумирани граѓани, лажни концентрациони логори, и нешто што требало да бидат наводни смртни казни за двајца градски функционери. Сето ова било замислено како демонстрација на дистописката иднина на нивниот град и земја, доколку комунистите навистина дојдат на власт.
Организатор била Американската лига на централен Висконсин, која одлучила дека претседателот Хари Труман не ја зема заканата од комунизмот доволно сериозно. За акцијата да биде уште поубедлива, одбраниот датум бил 1 мај, меѓународниот ден на работниците. Националните медиуми биле известени за намерата, и биле поканети да регистрираат „14 часа драматична демонстрација на она што реално е комунизмот“.
Автор на „сценариото“ бил ветеранот од Втората светска војна, Џон Декер, кој верувал дека е потребна драстична акција за да се поттикне дебата и да се стигне „до оние умови кои до сега не биле освестени“. Мосин, гратче од помалку од 1400 жители во тоа време, било одбрано поради тоа што истакнат легионер бил сопственик на градскиот весник. Биле вклучени и двајца поранешни комунисти, како технички советници, за да додадат автентичност на настанот.
Тој почнал со „дефиле“ на тн. комунистички борбен тим, кој се состоел од костумирани волонтери кои го „уапсиле“ градоначалникот и шефот на полицијата во нивните домови и ги ставиле локалните свештеници и бизнис лидери во „концентрационен логор“. Комитетот издал и „бонови“ за храна, дозволи за влез и излез од градот, поставил стражи и ги испрашувал сите кои минувале. И локалните бизниси се придружиле - во единствената кино сала се пуштале само руски филмови, трговците ги кренале цените, а една слаткарница поставила знак на полиците „бонбони само за членовите на комунистичката младина“.
На крај од денот, според официјалниот распоред, целиот град требало да ги отфрли субверзивните улоги и да се приклучи кон кревањето на американското знаме. Извидниците требало да ги изгорат сите комунистички ознаки и знамиња на клада, народот да испее „Бог да ја благослови Америка“ а потоа секој да си појде мирно дома.
Повеќе од 60 весници испратиле свои репортери иако бројот на медиуми кои ги покривале настанот бил многу поголем. Списанието „Лајф“ направило репортажа со цела страница фотографии од „тортурата“ на шефот на полицијата, од дете во комунистичка униформа, и апсењето на локалните новинари.
Како што може да се претпостави, иако бил сметан за успешен, денот сепак завршил со трагедија. Двајца мажи кои биле дел од „играта“ и тоа градоначалникот и возрасен локален свештеник, умреле неколку денови по настанот, а обата смртни случаи - кои се воделе како инфаркт или мозочен удар - биле припишувани на стресот од лажното комунистичко владеење. Така мешавината од страв, апсурдност и хумор натегнала накај катастрофа.
Интересно е што во градот во тоа време имало вистинска Комунистичка партија на Висконсин. Утрото на 1 мај тие го покриле Мосин со флаери под наслов „Кој вели дека ова е комунизам?“ и дека лажната слика за ова уредување им оди на рака на големите сопственици кои сакаат да го искористат настанот да си тераат своја агенда и да ги замолчат синдикатите. Сепак, чувството на страв по овој настан, иако се знаело дека е исцениран, уште долго останало да лебди по улиците на гратчето.