Вообичаено, куќа опседната со духови е нешто што треба да се одбегнува. Но во 1859 Чарлс Дикенс упорно барал место каде би бил „малтретиран“ од дух.
Авторот имал доживотна фасцинација со паранормалното - интерес кој се рефлектирал во неговата проза преку вклучување во неа на духови, сеништа и фантоми. Од октомври 2022 ова ќе биде тема на изложба во централен Лондон, каде писателот и неговото семејство живееле во 1830-тите, објект кој сега е Музеј на Чарлс Дикенс.
Помеѓу изложените предмети спаѓа писмо, кое до сега не било познато за јавноста, од авторот до Вилијам Ховит, негов пријател, колега писател и спиритуалист. Дикенс го прашува дали тој може да сугерира „каква и да е куќа за која со сигурност се знае дека е опседната, во рамки на Велика Британија, каде никој не може да живее, да пие, да јаде, да стои, лежи или да спие без да биде напаѓан од духови“.
На ова Ховит одговара со препорака на крчма во Холборн и уште една наводно опседната куќа во јужна Англија, која откако тој, Дикенс и уште еден писател се обиделе да ја посетат излегло дека воопшто не постои. Но овие не се разочарале, па наместо со духови седнале на добар ручек.
Интересот на Дикенс за натприродното почнал уште од детството кога неговата дадилка, Мерси, му раскажувала приказни со духови. Подоцна со задоволство го читал неделното хорор списание The Terrific Register, признавајќи дека „се вадел од памет“ додека го правел тоа.
Неговите биографи велат дека ова не значи дека писателот навистина верувал во постоењето на духови, туку повеќе дека му се допаѓала идејата луѓето да бидат плашени со вакви приказни. Сепак, само моќта на неговиот здрав разум помогнал тој да не падне во „стапиците на спиритуализмот“.
Неговите дела вклучуваат 20 книги и приказни во кои се појавуваат духови. Се фалел со јавните читања на неговите страшни приказни, кога наводно луѓето почнувале неконтролирано да плачат вовлечени во содржината. Дикенс сепак меѓу другото бил и бизнисмен, и знаел што се „продава“.
Изложбата ќе вклучи и анотиран примерок од неговото дело „Опседнатиот човек“ во кое со различна боја мастило ги обележувал парчињата кои требало да се прочитаат и начинот на кој тоа требало да се направи, прескокнувајќи ги за слушателите „вишокот“ зборови.
Види претходно: Kога Дикенс сакал да ја смести жена си во лудница (затоа што си фатил помлада)