Во текот на постоењето на Нобеловата награда за книжевност имало одлуки кои биле оценети како во најмала рака необични или контроверзни: Харолд Пинтер заради неговото левичарство, Елфриде Јелинек заради „хаотичноста и порнографијата“ во нејзината проза, Љоса заради отворените критики кон латино-американските влади, дисидентот Солженицин. Помеѓу нив посебно место има и Дарио Фо, чија смрт на денот на доделувањето на овогодинешниот Нобел, со оглед на „ураганот Дилан“, помина речиси незабележано.
Италијанскиот писател, драматург и актер заради субверзивниот хумор уживаше култен статус во родната земја. Ја разоткриваше неправдата и опресијата, сочувствувајќи со борбата за човечки права, женското движење и правата на работниците. Неговото најпознато дело, „Случајната смрт на еден анархист“, е базирано на реалниот живот на еден работник на миланската железница, кој во 1969 бил погрешно обвинет за тероризам, при што „случајно“ паднал од четвртиот кат на полициската страница. Во драмата лик под име Манијакот се преправа дека е судија на врховниот суд, кој ја испитува смртта на осомничениот анархист.
Но најголеми контроверзи Фо предизвика со неговото дело „Мистеро Буфо“, импровизирано театарско-телевизиско прераскажување на христијанските евангелија. Заради нив Фо бил анатемисан од Ватикан, кој го нарекол шоуто „најбогохулно во историјата на телевизијата“. Истовремено, италијанскиот државен канал РАИ цели 14 години го забранувал неговото појавување на екраните. Соработката со организацијата Црвена помош, за поддршка на милитантните левичари, доведе и до негов судир со американскиот Стејт департмент, заради што во 1980-тите не му биле издавани визи за влез во САД.
Гледишатата на Фо биле формирани во младоста, кога тој му помагал на татко му - антифашист кој давал отпор на Мусолини - да пренесе британски воени затвореници и италијански Евреи во Швајцарија. Неговата мајка, Пина Рота, е авторка на позната книга за нејзиното семејство, под наслов „Земја на жабите“.
Освен неговите дела и јавни настапи, останува запамтен и говорот по повод добивањето на Нобеловата. Тогаш тој на присутните наместо текст им подели свои карикатурални цртежи (горе еден од нив), а говорот го базираше на закон донесен од страна на императорот Фредерик Втори во Месина 1221 година, „против шегобијци кои клеветат и навредуваат“, кој дозволувал секој да може да врши насилство врз нив без да одговара за тоа. Со тоа Фо алудираше на коментарите во медиумите по соопштувањето дека тој е добитник на Нобеловата, во кои се велеше дека наградата всушност требало да ја добијат членовите на комитетот, заради нивната храброст да му ја дадат на еден „мајтапџија“. Со оглед на тоа што сатиричарите се третирани како жители на најниските книжевни сфери, тој во говорот вели дека е навистина чудно како наградата не му била доделена на „некој црнец или Евреин“, туку на еден обичен - кловн.
Дали и Дилан ќе биде вака провокативен во неговиот говор останува да видиме. А Фо е впишан во историјата на наградата како еден од контроверзните и храбри избори на Нобеловиот комитет, на какви се надеваме и во иднина.
Целиот говор на Фо тука