Во 1942, по нападот на Перл Харбор, американската влада размислувала за следните потези доколку Јапонија ги освои Хаваите. Поспецифично, загриженоста била околу тоа што ќе се случи со сиот кеш кој бил во оптек на островите - ако царската армија го преземе, тогаш како властите би можеле да одредат дека конкретните долари се токму од Хаваи и да ги демонетизира односно поништи, кога истите изгледале сосема исто како и било кој долар?
За да се превенира ваквата ситуација, властите направиле нешто необично: ги повлекле сите хартиени пари од територијата, барајќи луѓето и бизнисите да ги заменат парите за свежо отпечатени банкноти кои изгледале прилично стандардно, само што на нив бил отпечатен, со големи букви, зборот ХАВАИ. Биле донесени и строги правила околу тоа колку пари може некој да носи со себе на оваа територија: поединци не повеќе од 200 долари (денес околу 3730 долари) во готовина, а бизнисите 500 долари (денешни 9350).
Но што се случило со банкнотите кои биле собрани на островите? Наместо да ги стават во оптек или да ги чуваат во некој магацин, властите се одлучиле за наједноставното - да ги запалат. Излегло дека ова и не е така едноставно. Најпрвин бил користен крематориум во Хонолулу. Но процесот одел бавно, па морале да ангажираат уште неколку печки, например во погон за производство за шеќер во местото Оаху.
До октомври 1944, САД веќе не се чувствувале загрозени од Јапонија, па повторно организирале акција на замена на банкнотите обележани со „Хаваи“, дозволувајќи повторно да навлезе вообичаената валута. Денес, се уште се во оптек овие „хавајски“ пари, па ако случајно ви падне некоја во рака не ја фрлајте, затоа што може да достигне вредност на аукција и до 52.000 долари.