Kaко Алберт Ками нашол утеха во апсурдноста на фудбалот

Kaко е можно еден мрчатор-егзистенцијалист, кој генерално не гледал смисла во животот, толку многу да ужива во една апсурдна игра како фудбалот? Па можеби токму во апсурдноста е и клучот.

На 16 октомври 1957, Ками ручал во ресторан во срцето на парискиот Латински кварт. Среде оброк, во просторијата влетал млад човек, вработен кај неговиот издавач. Задишан, тој го известил за она што било веќе соопштено на радио: дека писателот ја добил Нобеловата за книжевност.

Една недела подоцна Ками бил интервјуиран за француската телевизија. Но авторот и неговиот согорник не биле седнати во удобно студио, ниту пак дискутирале за моќта на пишаниот збор. Тие се наоѓале во Паркот на принцовите, помеѓу толпа од 35.000 луѓе, кои гледале фудбалски меч помеѓу клуб од Париз и од Монако. Во еден момент голманот на првите реагирал смотано и дозволил топката да влезе во голот. Ками, кој на сочуваната снимка изгледа како помека верзија на Хемфри Богарт, ги замолува гледачите да не судат престрого, затоа што да се стои помеѓу пречките не е така едноставно како што изгледа. „Вие и самите сте биле голман, така?“, го прашува новинарот. „Да, бев, во клубот на Алжирскиот универзитет“

Подоцна во видеото додуша ја спомнуваат Нобеловата, но Ками е прилично воздржан и скромен, велејќи дека имало и други автори кои подеднакво ја заслужувале.

Можеби токму на оваа необична снимка се должи и често цитираната изрека, која наводно е на Ками (а не е): „Сè што знам за моралот и обврските му го должам на фудбалот“. Но точно е дека тој сакал фудбал, а во 1959, една година пред смртта, изјавил дека заедно со театарот, фудбалскиот терен бил негов „вистински универзитет“. Токму во оваа игра тој лоцирал една од највредните и најмоќните облици на свеста. Во драмата на подвижните тела се чувствувал како сведок на полнотијата на животот, со целиот негов патос, но и со сета негова благородност.

Ками, значи, не го презирал животот како таков. Трагедијата според него лежела на друго место - во тоа што реалноста не само што не го поттикнува ентузијазмот на тоа да си жив, туку често и целосно го негира. Резултатот е или очај или самоизмама, обете форми на психолошко предавање.

Но во фудбалскиот меч нема место за такви метафизички размислувања. Можеби токму затоа неговиот автобиографски роман, на кого работел непосредно пред смртта, „Првиот човек“ се однесува на момче по име Жак, кој како дете е крал на фудбалскиот терен а во текот на тинејџерските години е оспеднат со играта. Жак е всушност Ками, чии рани искуства со фудбалот се случиле на алжирските ливади со топка направена од партали, и со постојано мрчење од страна на неговата баба, која постојано го карала што игра со единствените чизми кои му биле за на школо.

Но подоцна проблемите само се зголемувале - туберклозата за младиот Алберт значела крај на надежите дека тој некогаш би можел сериозно да игра фудбал, исто како што била пречка да им се придружи на анти-фашистичките војски. Сепак, неговата љубов кон играта никогаш не се намалила. Како и Гонзалес во „Чума“ (1947), тој никогаш не пропуштал шанса да погледне меч или да шутне топка, барем долж маалската улица.

И иако ова изгледа спротивно на неговите мрачни, егзистенцијалистчки ставови (дека ништо нема смисла, и дека сите ќе умреме), помислете - што има поапсурдно од тоа 22-ца да трчаат по некаква напумпана кожна топка во тревнат правоаголник цели 90 минути? Секоја рационална анализа би покажала дека фудбалот, како впрочем и секоја игра, е фундаментално блесав. Но токму затоа му дава смисла на животот. Апсурдно, нели?

Извор

17 април 2019 - 08:47