Поранешната уредничка во британската експозитура на Пингуин, Џоди Арчер, заедно со професорот по англиски на Универзитетот Небраска-Линколн, Метју Џокерс, неколку години собирале податоци и анализирале 20,000 случајно одбрани романи објавени во последните три децении. Целта им била да сфатат што чини една успешна книга (односно таква која се појавува на некоја од познатите бестселер листи, како на пример онаа на Њујорк Тајмс).
Резултатот е алгоритам, наречен „бестселер-ометер", кој мери одредени аспекти на книгата како тема, заплет, стил, личности и речник, и ви кажува (прорекува?) дали таа книга добро ќе се продава. Авторите на алгоритмот тврдат дека тој може да погоди иден хит со точност од 80%.
На оваа тема тие во септември ќе објават дури и книга - „Кодот на бестселерот: анатомија на хит роман", која треба да ја објасни „магијата" со која се постигнува ефектот на популарност на некоја книга. А таа всушност се состои од неколку елементи. На пример, според студијата, вистинските ликови им се попривлечни на читателите од фиктивните, па советот би бил еднорози, џуџиња и вили да не бидат главни во приказната. Истовремено, во бестселерите преовладуваат неколку глаголи и дејства, како „зграпчува", „мисли" и „прашува". Зборовите „ми треба", „сакам" и „прави" се појавуваат двојно повеќе во бестселерите во споредба со помалку продаваните романи, додека зборот „океј" три пати повеќе. Чести се и „љубов" и „недостасување". Сепак, мантрањето на овие зборови не е доволно - потребно е тие да се вградени во совршени „наративни криви", комбинација на дозирана возбуда, тага и неизвесност кои ве „возат“ низ романот.
Сега, кога ова ни е јасно, почнуваме со нашиот нов роман, под наслов „Александар Македонски, океј е“.