Книгите во последно време се здебелуваат - и тоа не е добро

Ова, дека книгите стануваат сè подебели, со жалење го констатираат судиите за овогодинешната награда Букер. Затоа што како што книгите добиваат на страници, така читателите губат на трпение.

Една од книгите кои влегоа во најтесниот избор за овогодишниот Букер (објавен 20.9 тука) е „Оверстори“, роман на Ричард Пауерс, за деветмина Американци чии специфични животни искуства со дрвјата ги спојуваат во борбата против нивното уништување.

Таа има 500 страници, и тоа не било проблем за жирито, затоа што книгата велат е одлична. Она што ним им е проблем се други книги, кои во себе содржат една потенка а подобра од онаа што реално била напишана, а која „бара да биде ослободена“.

И вакви книги изгледа има сè повеќе. Според анкета во англиското говорно подрачје, просечниот број страници помеѓу 1999 и 2014 пораснал од 320 на 400. Има мислења дека ова се должи на преминот кон дигитални формати кои го отстранил стравот од тоа книгата да изгледа (и да тежи) како цигла. Но изгледа има и подлабоки причини - отсуство на искусни и добро платени уредници кои би си ја вршеле својата работа (на пример како оној кој ги средувал ракописите на Фицџералд или Хемингвеј - види претходно тука) и „непослушноста“ на авторите кои не прифаќаат добронамерни критики и совети за скратувања.

Овој феномен веќе има и име - „книшка инфлација“ и оние кои го имаат на пример читано последниот дел од „Мојата борба“ на Карл Уве Кнаусгорд од 1200 страници, или новата книга на Пол Остер (Букбокс осврт тука) од 800 сигурно ќе препознаат што се подразбира под него. Не дека ова се лоши книги, но со малку повеќе уредување, и помалку авторско его, тие можеле да бидат совршени.

Можеби придонес кон „дебелината“ даваат и некои вградени стереотипи, како оној дека книгите со поголем број страници „си вредат за парите“ или дека тие, бидејќи се потешки за читање, се истовремено и посериозни. Тие се и дел од наследството на книги кои можат да се користат како пречки за затворање врати - Улис, Моби Дик, Злосторство и казна, Војна и мир. Последнава има 1200 страници кои покриваат 15 години, судбини на пет семејства, и значаји историски настани.

Но наместо по секоја цена да го билдаат квантитетот, авторите треба да се потсетат на убавината и на кратките форми. А ако веќе пишуваат „барокно“, чесно да си го заработат читателското внимание.

24 септември 2018 - 16:21