Уредниците (таканаречени copy-editors) се многу важна алка во издавачкиот процес, иако со големи разлики во традициите во различни контексти. На пример во нашиот „уредник“ најчесто подразбира човек одговорен за таканаречената издавачка политика на куќата: бира што ќе се преведува и/или издава, одлучува за формирање едиции, контактира со останатите кои учествуваат во процесот и гледа на крај да се добие асален производ кој ќе се вклопи во целокупниот профил на издавачот. Но не сме слушнале за случај уредник на издавачка куќа (кој е најчесто и нејзин сопственик) да се осудил да му пререче нешто на домашен автор, да му се меша во концепцијата, а чувај боже да му шкртне нешто на страница повеќе од обична коректура.
„Уредник“, пак, во земјите со подолга издавачка традиција ја има токму таа улога, дури и на познати и признати автори во најмала рака да им сугерира промени во текстот - скратувања, бришења непотребни параграфи и повторувања, интервенции во интерпункција, дури менувања и на наслов. Сето ова секако се води под „сугестии“, но ако се работи за почетник кој едвај дочекал да биде објавен, тогаш овие можат да звучат и како наредби, па дури и уцени.
Еден од најдобрите примери за необичната и турбулентна врска помеѓу уредник и автор е оној за американскиот писател од дваесетите на минатиот век, Томас Вулф (има уште еден Томас Вулф, што почина во 2018, не е истиот), со својот уредник Максвел Перкинс. Во филмот „Гениј“ (2016) со Колин Фирт и Џад Ло кој претставува екранизација на нивниот однос, има бројни сцени на нивни расправии за еден единствен збор или за тоа како да звучи одредена реченица. И тоа за ракописи на Волф кои знаеле да имаат илјадници страници, напишани на рака и ненумерирани. Перкинс морал не само да спои крај со крај во сиот тој креативен хаос, туку и да се справи со силен карактер како Волф. За на крај неговото име во историјата да се запише со ситни букви покрај великаните чии книги тој ги уредувал, како спомнатиот Волф, но и Хемингвеј или Фицџералд.
Но врската уредник-автор знае да биде и многу понепродуктивна. Еден од ваквите примери е случајот на неодамна починатиот Нобеловец, В. С. Нејпол и неговиот уредник во издавачката куќа Knopf. Во писмо од 1988, Нејпол му се обраќа на уредникот, извесен Сони, по повод добивањето на „уредениот“ текст за неговата книга „Пресврт на југот“. И ич не е среќен.
Драг Сони,
Редактираниот текст пристигна вчера; тоа е направено толку грозно што морав да ти пишам. Ова е многу повеќе од креативно читање. Ми требаше многу време да го вратам назад во првобитна состојба. Мислев дека по 34 години и 20 објавени книги можеби нешто знам за пишувањето и дека не ми треба уредничка помош со интерпунција или со нештото наречено повторување, особено не со зборови како „и“, „она“ или „таа“. Не сакав никој да ми ги чепка точка-запирките; со сите нивни различни начини на поврзување на текстот.
Случајно, токму англискиот и тоа историјата на јазикот беше мој предмет на Оксфорд. Исто така случајно знам дека таканаречените „правила“ немаат никаква врска со јазикот...Моето име ќе стои на книгата. Јас сум одоговорен за начинот на кој се срочени зборовите. Тоа е една од причините зошто станав писател.“
Не знаеме како реагирал на ова сиротиот Сони, но знаеме дека Нејпол доби Нобелова, а нему не му го дознавме ни презимето.